Сицилија / Фото: принтскрин/видео

ВИДЕO | Свлечиштето на Сицилија опасно се шири, се слушаат подземни татнежи – Куќи висат над стрмна карпа

Ситуацијата со големото свлечиште на југот на Сицилија дополнително се влоши, а досега се урнаа околу 350 милиони кубни метри земјиште. Почвата и натаму се поместува, при што се слуша и придушен подземен татнеж, што дополнително ги зголемува стравувањата кај локалното население од кое неколку илјадници жители веќе се евакуирани, пренесуваат италијанските медиуми.

Свлечиштето почна да покажува знаци на активирање во неделата, по што се разви во фронт долг околу четири километри. Пукнатината и натаму се шири, предизвикувајќи страв дека би можела да го зафати историското јадро на градот Нишеми. Локалните власти оценуваат дека зоната погодена од свлечиштето ќе мора дополнително да се прошири.

Властите донесоа одлука за целосна забрана на градежни активности на погоденото подрачје со површина од околу 25 квадратни километри.

Италијанската Влада најави можност за иницирање истрага за евентуални пропусти во градежните активности во оваа зона, а министерот за цивилна заштита Нело Музумечи ќе поднесе извештај пред парламентот на 4 февруари.

Во меѓувреме, опозицијата врши притисок средствата наменети за изградба на мостот преку Месинскиот Теснец да бидат пренасочени кон обновата и санацијата на најпогодениот град Нишеми, како и на другите три региони погодени од циклонот Хари – Сицилија, Калабрија и Сардинија.

Потпретседателот на Владата и министер за инфраструктура и градежништво, Матео Салвини, ја отфрли ваквата можност.

Досега најмалку 1.500 лица се евакуирани од своите домови во Нишеми, откако силната бура предизвикана од циклонот Хари активираше свлечиште што создаде пукнатина долга околу четири километри на падината на блиското ридско подрачје.

Градоначалникот на Нишеми, Масимилијано Конти, изјави дека состојбата е критична, откако невремето урнало голем дел од падината, оставајќи бројни куќи опасно надвиснати над работ на стрмната карпа, пренесува британскиот весник „Гардијан“.

 

ВИДЕО | Драматични сцени на Сицилија, свлечиште се заканува да збрише град

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот