ВИДЕО | Светскиот ден на поправките за првпат одбележан во Македонија
Ширум светот денеска се одбележува Светскиот ден на поправките. Во Македонија на иницијатива на здружението АРНО за првпат се организараше настан во знакот на овој ден, во кој средношколци од СУГС „Георги Димитров” земаа учество.
Препорачано
– Овој ден се одбележува во 35 земји во ветот со повеќе од 1800 настани. Во Брисел има поправки на отворено, во Уганда има обуки за поправки за бегалци итн. Ние во Македонија симболично ќе го одбележиме со присуство на учениците од од СУГС „Георги Димитров” кои ќе помогнат околу поправките – вели за „Слободен печат“ Ирина Јаневска, основач на АРНО.
Поправките играат важна улога во зачувувањето на ресурсите и намалувањето на отпадот, вели Јаневска, и како што додава тоа придонесува кон заштита на животната средина и одржливост. Овој настан, нагласи таа, има за цел да ја подигне свеста и да ги поттикне граѓаните да станат дел од оваа значајна иницијатива.
ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Јаневска од АРНО: Ќе има библиотека на алати во првиот Центар за поправки кај нас
За учениците повикот да бидат дел од овој настан претставувал огромна радост.
– Досега не сум поправал играчки и навистина ова што денеска сме овде ми претставува огромен предизвик. Ќе поправаме навидум веќе неупотребливи и кршени играчки. Целта е да испратиме една порака дека секој човек треба да размислува за реупотреба, од еколошка перспектива, бидејќи на тој начин ја заштитуваме нашата средина – рече за „Слободен печат“ средношколецот Димитар.

Во големата мисија за овој проект АРНО добиле поддршка од градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
– Растевме во време кога многу се штедеше и беше актуелно да се прават поравки, дали на нашите кујнски апарати дома или нашите играчки. Дојдовме до заедничка идеја овој простор од јануари месец да стане првиот Центар за поправки во нашата земја. Нашите сограѓани овде ќе можат да вршат поравки, на тој начин создаваме пороцес на циркуларна економија, истовремено ќе им помогнеме на социјално загрозените семејства во нашата општина апаратите кои не им се функционални да ги поправиме, а воедно нудиме работно место на занаетчиите – рече градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.


