ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Јаневска од АРНО: Ќе има библиотека на алати во првиот Центар за поправки кај нас
Светскиот ден на поправките – 19 октомври, 15 години се одбележува во многу земји, а оваа година за првпат почнува да му се дава значење и кај нас. Важноста во поправките не е само кај заштедата, туку пред сè еколошкиот момент за поздрава животна средина.
Препорачано
Здружението АРНО на 18 октомври ќе отвори повик за мајстори, хобисти, луѓе со вештини и повик за донирање на скршени играчки.
– Имаме многу голема визија и амбициозен план, Светскиот ден на поправките симболично ќе го одбележиме со отворање на повик за мајстори, но и воопшто за луѓе со вештини, кои ќе сакаат да се вклучат во процесот и да помогнат околу поправките. Во исто време ќе отвориме повик и до сите што имаат скршени или расипани играчки. Ги поканивме средношколците од СУГС „Георги Димитров“, кои ќе работат на реупотреба на производи и поправка на играчки, на крајот поравените играчки ќе бидат донирани на деца од семејства од социјален ризик – изјави за „Слободен печат“ Ирина Јаневска од АРНО.
Јаневска вели дека се свесни за проблемот од недостиг на мајстори, но не губат надеж дека со ова ќе мотивираат луѓе да се вклучат.
– Сериозен е проблемот со дефицитот на мајстори во земјава и оние мајстори што се останати имаат многу малку слободно време, па затоа би биле редуцирано ангажирани, но можеби има некои пензионери или невработени лица, хобисти, лица со соодветни вештини што не сме ги мапирале, а ќе се пријават да дојдат на работилниците. Постои можност во иднина тој простор да служи за преквалификација на кадар, така што има многу идеи и планови коишто во иднина ќе се реализираат во таа насока – додава Јаневска.
Јаневска најавува дека во иднина е предвидено да се отвори прв Центар за поправки.
– Овој Центар ќе биде лоциран во Кисела Вода, единствената општина што ја прифати нашата идеја, но искрено се надевам дека во иднина и другите општини ќе ја препознаат суштината. Во секоја област, во секоја работа постои отпад. Ние на отпадот не треба да гледаме линеарно, туку циркуларно, да рециклираме и да го намалуваме присуството на отпад колку што можеме – вели таа.
Во Центарот ќе има библиотека на алати, машини за шиење и како што вели Јаневска, оние што можат самостојно да си поправат нешто, ќе можат да ги употребат ресурсите на центарот.


