ВИДЕО | Стогодишнина од раѓањето на Хачико: Уметничка инсталација за „најверното куче“ во Токио

Хачико е синоним за верност на едно куче кон својот сопственик. Симпатичното куче од јапонската раса Акита ину доживеа голема популарност со познатата филмска адаптација („Hachi: A Dog’s Tale“ (2009)) на оваа вистинска приказна, која и ден-денес ги разнежнува сите љубители на животните.
На 10 ноември се навршија сто години од раѓањето на Хачико (10.11.1923 – 8.3.1935), кој се памети по неговата исклучителна верност кон сопственикот Хидесабуроо Уено, кого продолжило бескомпромисно да го чека на железничката станица Шибуја, дури девет години по ненадејната смрт на сопственикот во 1925 година.
По тој повод, вчера била претставена привремена уметничка инсталација „Собата на Хачико“, која ја вклучува познатата статуа на Хачико, на железничката станица Шибуја во Токио, Јапонија, пренесе „Нипон“.
Станува збор за дело на 63-годишниот јапонски уметник Тацу Нишино.
„Отсекогаш сум сакал да создадам уметничко дело со Хачико“, изјави Нишино, кој е познат по неговите слични дела низ целиот свет.
Статуата за кучето кое расплака милиони ширум светот
Во април 1934 година, на станицата Шибуја била подигната бронзена статуа според неговата личност, а извајана од Теру Андо. Статуата била рециклирана за време на воените напори во Втората светска војна.
Во 1948 година, Такеши Андо (син на оригиналниот уметник) направил втора статуа. Новата статуа, подигната во август 1948 година, сè уште стои и е популарно место за состаноци. Влезот на станицата во близина на оваа статуа е именувана „Хачикоо-гучи“, што значи „Влез Хачико“ и е една од петте влеза во станицата Шибуја.