ВИДЕО | Стефоска: Културата е клучен ресурс за државата, без силни институции – нема држава

Министерката Ирена Стефоска, по 15 месечно раководење со министерството за култура заминува од функцијата. На нејзиното место во новата влада на Димитар Ковачевски доаѓа Бисера Костадиновска Стојчевска.

-Ако згаснале едно чудо реакции за култура на телевизиите и на другите медиуми сосема е јасно дека културата во фокусот на јавноста е таму некаде на маргините, што е недопустливо за една мала земја. Културата е клучен ресурс и за внатрешните работи во земјата, таа е исклучително важна. Интеркултурниот дијалог во смисла на интеретничкиот дијалог, во смисла на институционалната и вонинституционалната сцена, независната, во смисла на извозен продукт на една мала земја која има со што да се гордее како во живата култура така и со културното наследство, рече Стефоска.

Таа се сложува со констатацијата дека секторите култура и образование во владите на СДСМ секогаш се третирале како попатни сектори. Наследничката на Стефоска е петта министерка која ќе го преземе овој сектор и тоа е една неконзистетност на политиките.

-Тоа не е впечаток, тоа е факт. Неконзистентност на владејачката партија во политиките во образованието и културата. Јас станав министер на покана на СДСМ, јас не сум член на партијата, но ја прифатив довербата која ми беше дадена, одговорно и професионално да се бавам во овие година и пол. Мислам дека во година и пол успеавме да ја поместиме културата од минус 100 во фокусот на владините политики до таму некаде, можеби до нула. На новата министерка и остануваат сите отворени процеси во културата, визии стратегии да ги продожи. Културата мора да си го заземе местото што и припаѓа. Културата не е само одење во театар и на концерт, културата не е само уметноста или како арт или литературата како книжевност. Тоа е толку широк поим. Култура е стил и начин на живеење, културата е вредносниот систем во едно општество, содржи обичаи, традиции и верувања и затоа е толку важна, нагласи Стефоска.

Таа не ги откри причините зошто заминува од министерството за културата.

-Право на секој мандатар е да си состави кабинет. Никој не ме прашал за конкретните причини зошто треба да заминам, како и што е сработено. Јас си подготвив извештај за отчетност кој ќе стои во архивата на владата и во собранието. Поразговаравме со мандатарот за причините про и контра зошто е важна културата, нагласи Стефоска.

Таа додава дека ова министерство заслужува да се вложува во луѓето.

-Луѓето се нашиот најголем ресурс во една мала земја. Толку колку што вредат луѓето толку вредат институциите. Без силни институции, нема држава, институции во кои владее право, процедури. Мора прво да се среди куќата која ги сервисира сите културни работници и институции, министерството е капата, децидна е министерката за култура.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот