ВИДЕО | Стефанова ги објаснува чудните ставки во имотот запленет од Мијалков: Конфискацијата не била предмет на спогодбата

Скопје, 26 февруари 2021 / Фото: Драган Митрески - СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.

Поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, пред нешто повеќе од два месеца се спогоди со обвинителството во случајот „Империја“. Тој призна вина за злосторничко здружување и противправно стекнување имот, а во замена доби релативно блага казна од три години затвор. Откако ја смени адресата на живеење во Охрид, му беше дозволено да ја служи казната во струшкиот затвор, кој е од отворен тип. Во исто време, како што соопшти Обвинителството за гонење кривични дела од организиран криминал и корупција, на Мијалков беа конфискувани шест милиони евра во пари и 30 милиони во имот.

Проверката на листата со запленетиот имот што ја направи „360 степени“, открива дека во имотот што му е конфискуван на поранешниот шеф на тајната полиција, има станови ставени под хипотека, како и дел од неизграден хотел, кој е проценет по пазарна вредност за изградени објекти, како да е готов.

Обвинителка Лиле Стефанова вели дека обвинителите преговарале со Мијалков и со неговите адвокати, но дека конфискацијата на имотот воопшто не била дел од спогодбата, туку обвинителството го запленило комплетниот непријавен имот на Мијалков во периодот од кога дошол на функцијата, до моментот кога ја напуштил.

„Предмет на спогодување беше казната. Имотот-предмет на конфискација воопшто не беше предмет на спогодување. Конфискуван е имот стекнат на незаконит начин. Сашо Мијалков не бил безимотен кога дошол на функцијата директор на Управата за безбедност и контраразузнавање… тој има и правни лица, има и друг имот. Предмет на конфискација беше имотот со кој Сашо Мијалков се стекнал од моментот на стапување на функција, до моментот на престанок на функцијата, кој не го пријавил ниту кога го стекнал, ниту кога му престанала функцијата“, вели Стефанова за „360 степени“, додавајќи дека сумата на која е проценет имотот во моментот на замрзнувањето не е важна, бидејќи Агенцијата за управување со одземен имот, која треба да ја спроведе пресудата, допрва ќе ја утврдуваа вредноста на запленетото.

Погледнете ја целата сторија на „360 степени“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот