ВИДЕО | „Слободен печат“на 16. Државно првенство на бармени: Никола Анастасијески – нов шампион на Македонија
На 23 април, во амбиентот на хотелот „Мериот“ во Скопје, се одржа 16. Државно првенство на бармени – настан што веќе стана синоним за квалитет и за професионализам во светот на коктел-културата во Македонија. Организаторот, Здружението на бармени на Македонија, со ова продолжува да го гради и да го унапредува имиџот на барменството кај нас веќе 20 години.
Препорачано
Оваа година натпреварот собра вкупно 21 бармен од целата земја, кои покажаа професионални вештини, креативност и страст кон професијата.
Во атмосфера полна со адреналин и поддршка, првото место го доби младиот национален шампион – Никола Анастасијески од Скопје, кој со својот настап ги освои и жирито и публиката.
-Голема чест е да бидам победник меѓу толку квалитетни колеги. Дадов сè од себе за да ја претставам Македонија на најдобар можен начин во Колумбија – изјави Никола за „Слободен печат“.

Младиот шампион ќе ја има честа да ја претставува земјата на Светското првенство на бармени што ќе се одржи во ноември во Картагина, Колумбија.
Второто место го освои Васил Пеевски, бармен и сопственик на „Shake & Sip Bar“, познат по неговиот модерен пристап и комбинации на вкусови. „Слободен печат“ беше таму и поразговаравме со водечките луѓе од Здружението.
– Пауза од шест години, повторно некоја жичка проработе во мене, за да сакам повторно да се натпреварувам на едно првенство, за мене овој пат последно, така што се надевам дека ќе биде уште едно добро искуство.

Третопласиран беше Вања Головски од „Jazzbina Bar“, кој секогаш знае како да ги спои естетиката и вкусот во совршен баланс.
– Овој натпревар е место каде што и многу учиме, па и докажуваме нешто, покажуваме што сме научиле, што мислиме дека треба да се пренесе.
Филип Арнаудов, претседателот на Здружението на Бармени во Македонија, ни објасни дека овие настани веќе 20 години говорат за нивната посветеност како здружение на бармени во Македонија.
– Натпреварот го оценуваат наши судии, но исто така имаме и гости од Црна Гора и имаме еден судија од Америка, кои поради објективност и поради нивната професионалност решивме да бидат судии секоја година, а гледаме да има и барем неколку меѓународни судии за да можеме да го одбереме најдобриот бармен – додаде тој.

– Овие натпревари претставуваат големо задоволство за нас, не само организирањето, туку самиот момент кога тој што победи денеска, го носиме на светско првенство во Колумбија, во Картагена, каде што ќе ја претстави нашата држава како што ја претставуваше претходната година Теодора – изјави Симјаноски Ѓорѓи, секретар на здружението.


