ВИДЕО | Скопје радост ти ќе бидеш: Запознајте ја алхемичарката Јулија што краде насмевки на Скопје

Фото: Инстаграм @skopjeradosttikebides

Скопје радост ти ќе бидеш е аудиовизуелен дневник кој го прикажува духот, темпераментот и ЕКГ-то на еден град и народ, во случајов Скопје, вели девојката која мами насмевки низ главниот град.

Јулија Кастелучи е вокален уметник. Работи во областа на звучната уметност, звучните пејзажи, прави музика за театар, минијатури, ономатопејски звуци и вокални апстракции, проткаени со сегменти од наративни текстови од разни есеи, митски приказни, елегии, бајки и свети текстови. Нејзината имагинација ја примаме во форма на нејзиниот посебен јазик во комбинација со движење, слика, цртеж и звук. Поголемиот дел од нејзината работа се базира на македонската и индиската вокална традиција, изведена капела.

Имавме чест да поразговараме со девојката која стои зад најубавиот инстаграм-профил кој ни носи радост и насмевки секој ден.

Но пред да го прочитате интервјуто, ѕирнете дел од тоа што нè освои на нејзиниот инстаграм-профил @skopjeradosttikebides:

Кој се крие зад златниот микрофон и ги радува луѓето низ градот? Колку радост тебе ти носи Скопје?

– Зад златниот микрофон се крие алхемичарка која ја знае тајната на алхемискиот процес, како од обичен ден да направи убав ден. Скопје мене ми нуди цела една палета од чувства… Никогаш не ми успеало чувствата да ги преточам во зборови, сфатив дека тоа е невозможно. Едноставно, постои некоја супстанца во овој град што мене ме прави да се чувствувам така како што се чувствувам.

Колку време си овде и кој дел од градот најмногу те воодушевува?

– Постојано сум присутна во овој град, само во различни форми. Кога сум во Македонија секогаш имам чувство како да се враќам дома. Моите спомени за оваа земја и овој град се присутни во мене од кога знам за себе. Како мала имав ритуално влегување, се преправав дека ми е лошо, за мајка ми да застане, да истрчам од автомобилот и да си легнам на асфалтот покрај автопат за да си ја почувствувам Македонија. Кога ќе легнев на тој асфалт навистина имав чувство како нешто да ме грее одвнатре. Мајка ми многу брзо сфати за што станува збор и секогаш кога ќе ја преминевме границата, си го знаеше редот, си застануваше и ги разбираше и почитуваше моите ритуали. Инаку, јас имам семка од ова тло. Мојот дедо е македонец, таткото на мојата мајка е роден во село Воиславци. Спомените од тоа село за мене се непроценливи, уште ги паметам миризбите, звуците, прегратките, глетките, песните, насмевките, полината, хуморот. Останаа во мене, не само што останаа туку мислам дека голем дел од тие импресии ме направија да бидам ова што сум денеска. Сега додека одговарам на ова прашање го сфатив тоа, ви благодарам што ми го поставивте ова прашање.

Секој ден пронаоѓам нова возбуда, нови луѓе, нови места, но, еве, на пример кон Зелено Пазарче имам посебна атракција, таму имате буквално цела палета на човечкиот род. Кога се движам низ Зелено Пазарче, имам чувство како да сум во Лас Вегас, не во естетска смисла, туку во смисла на духот кој владее таму… Аурата на Зелено Пазарче е како аурата на Лас Вегас.

Твоите хроники од секојдневието и хероите кои ги наоѓаш скриени во обичните луѓе низ градот се инспиративни. Од каде идејата за ваков креативен медиум?

– Секој човек носи нешто во себе, каква и да е содржината што ја носи – си ја носи насекаде… Имав таква привилегија да се родам со природен детектор, да ги детектирам и лоцирам убавите работи кај луѓето кои се неоткриени или прекриени. Едноставно ги забележувам тие убави содржини кај луѓето што го прават овој свет поубаво место за живеење и сите тие невидливи работи ги правам видливи. Тоа си го сметам за моја должност. И сето тоа се случува спонтано, едноставно, одеднаш се случува некоја експлозија во етерот. Тие мигови ги ловам во истиот миг, го вадам телефонот и алхемискиот процес започнува…

Архивирање на моето секојдневие

Целата хаварија настана кога првпат во моите раце се најде ајфон 3. Со тој телефон почнаа моите дигитални патешествија. Ги молев моите родители да ми го купат телефонот бидејќи дознав за „Инстаграм“, а тогаш другите смарт телефони немаа опција за таа апликација. За мене „Инстаграм“ беше фасцинација. Првиот инстаграм-профил го направив пред само 10 години и на таа апликација почнав да правам и да колажирам фотографии и видео записи. Низ сите овие години, менував телефони, ама инсистирав секогаш да биде ајфон, не од елитистички причини туку поради нивната естетика и можностите што ги нуди. И еден ден ми се случи откровение – сфатив дека целиот мој живот е архивиран во дигиталниот простор кој се нарекува „ај клауд“. Имав само еден период во животот кој ми беше празен простор, од тој период немам никакви архиви, единствениот период во мојот живот каде не сакав да постојам, тоа беше период кога ми се појави познатата дилема на Хамлет, да се биде или не, прашање е сега. Во тој период не живеев во Скопје, тоа беше најболниот период во мојот живот што ќе ви го раскажам во некоја друга прилика.

По неколку години, постепено, пак почнав да си го чувствувам и откривам градот со истата матрица на архивирање на моето секојдневие. И едно време почнав да се чувствувам како да носам нешто во себе, поточно, се чувствував како да сум бремена. Не во телесна смисла, туку го духовна. Секогаш кога творам, го имам тоа чувство. Како некое одредено време да носам нешто во себе и во еден одреден момент чувствувам дека треба да се породам. И едноставно така се однесувам кон творечкиот процес, бидејќи бременоста е сериозна работа, бременоста мора да се одржува, дисциплинирано и посветено. Бремената жена се грижи за своето бебе додека е во нејзиниот стомак, а особено кога тоа бебе ќе дојде на свет, така развив чувство и однос кон моите дела, како мајка кон своето дете.

Тоа скриено богатство што го имам архивирано е всушност, фигуративно кажано, моето ново дете… И дека тоа дете кај и да е ќе излезе на виделина. И дојде тој ден кога сфатив и одлучив дека е време да се породам и тоа го направив – се породив на 17.09.2021, така што го направив инстаграм-профилот и ја објавив првата фотографија од „детето облечено во пастелно розова боја“ кое го нареков Скопје радост ти ќе бидеш.

За мене тоа е квантен скок во мојот живот, и колку тој микро чекор ми отвори сосема нов портал, само еден клик свртен кон другата страна, ми го отвори новиот портал што денеска можете да го гледате на инстаграм-профилот Скопје радост ти ќе бидеш. Тој профил е еден вид на портал и затоа луѓето толку го сакаат, бидејќи им отвара нови пространства.

Дали ова се луѓе кои случајно ги среќаваш на улица или претходно си ги спознала нивните приказни?

– Некои од нив ми се многу блиски и имаат посебно место во мојот живот, некои ги знам од порано, некои ги среќавам првпат, а имам чувство како да се знаеме со векови. И тогаш знам дека треба да почнам да снимам. Тоа е како кога се снима некој филм, кога се е спремно и режисерот само ќе каже – акција. Но, најважен е тој висок степен на спонтаност. И всушност, сè се случува во тој момент, такво какво што е, и затоа е толку примамливо, бидејќи е тоа што е, примордијално. Сакам чиста органска форма која ќе ме помести од место, ќе ми отвори некои простори за кои не сум ни знаела дека постојат во мене. И тоа се тие моменти кога се појавува можност да си се запознаеш себеси и да си ги надминеш сопствените лимити. Неверојатно е каква симбиоза се случува со некои од луѓето кога ќе почне таа акција, како постепено се отвараат. И колку пати ми се има случено да ме разнесат со содржината која ја носат во себе, а која не е видлива на прв поглед. И колку ние сме лимитирани што си се перцепираме и осудуваме еден со друг на основа на нашиот изглед, стил на однесување и облекување, статус во општеството и слично. А всушност ние сме како дијаманти, додека не го избрусиш дијамантот не знаеш што сè се крие таму.

Дали Скопјани се срамат да зборуваат пред камера? Чива приказна до сега ти оставила најголем впечаток?

– Некои се срамат, некои не, се зависи од човек до човек, од времето, просторот, многу фактори влијаат на тоа, срамот е комплексна работа. Но, приметувам дека покрај мојата спонтаност луѓето се препуштаат на таа спонтаност, се опуштаат и постепено се отвараат. Кога ќе се почувствуваат сигурно и безбедно, тогаш сите се отвараат. Сите живи битија се отвараат кога ќе се почувствуваат дека се на безбедно, и луѓето и животните и билките. Кога правев вокални перформанси и за луѓе, и за животни и за билки, точно го знам тој момнет кога ќе почне нешто да се отвара, да се открива… Многумина се како затворена пупка од цвет и многу е убава таа глетка кога ќе видиш како затворена пупка се претвора во раскошен цвет и ти ги покажува сите свои убавини кои не биле видливи до тогаш, бидејќи биле затворени.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот