ВИДЕО | Родителите до адвокатите од Кочани: За колку пари се продадовте?
Дел од родителите на загинатите во пожарот во „Пулс“ по денешното рочиште вербално нападнаа неколкумина од адвокатите од Кочани што бранат обвинети во постапката, јавува „360 степени“.
Препорачано
„За колку пари се продадовте“, „Повторно ги убивате нашите деца“, „Осум месеци нè убивате“ – извикуваа родителите на дел загинатите во „Пулс“.
Родителите го искажаа револтот на крајот од денешното рочиште, додека и тие и адвокатите се движеа кон своите автомобили. Ситуацијата бурно ја надгледуваше полицијата, чии екипи во голем број беа присутни околу и во судницата во Идризово. За среќа, сè остана на вербални напади и не се случи посериозен инцидент. Додека родителите на висок тон се обраќаа на еден од адвокатите, тој им велеше:
„Законот е таков, мора да имаат бранител.“
Судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица, продолжува на 2 декември. На денешното рочиште присутните законски застапници на оштетените пред Судот изјавија дека се приклучуваат кон кривичен прогон и дека своите права и оштетно побарување ќе ги остваруваат во граѓанска постапка.
Судијката Диана Груевска Илиевска информираше дека утрешното рочиште се отповикува, а на следното рочиште треба да бидат повикани и останатите законски застапници на оштетените за да може и тие да се произнесат.


