ВИДЕО | Режисерката Марта Попивода: Сите треба да сме партизани и партизанки

Марта Попивода, режисер/ Фото: Слободен печат

На 25 септември, во рамки на шестото издание на КРИК – фестивалот за критичка култура, во организација на „Контрапункт“, во МСУ премиерно беше прикажан документарниот филм „Пејзажи на отпорот“ на режисерката Марта Попивода и на коавторката Ана Вујановиќ.

Филмот е приказна за Соња Вујановиќ, која била една од првите југословенски партизанки, која се приклучила на антифашистичкото движење во во 1941 година, а потоа била заробена од нацистите, измачувана во затвори и неколку концентрациони логори, за да на крајот биде однесена во логорот Аушвиц каде била организаторка на отпорот. Преку десет години, режисерката Марта Попивода и ко-авторка на филмот, Ана Вујановиќ, ги снимале своите разговори со Соња. Она што почнува како величење на отпорот на една жена и нејзините другари, постепено се претвора во кинематографски антифашистички манифест, онака како што авторките, како што велат, сé повеќе се соочувале со подемот на фашизмот во денешна Европа.

Филмот ја освои највисоката награда „Срцето на Сараево“ за документарен филм на Сараевскиот филмски фестивал, ја доби награда за најдобар филм на Белдокс – меѓународниот фестивал за документарни филмови во Белград, како и главната награда за најдобар филм на филмскиот фестивал во Солун. Марта Попивода е филмска авторка и уметница чии дела биле изложувани во МОМА во Њујорк и Тејт Модерн во Лондон.

„Нашата приказна зборува за женската страна на војната, за тоа како ние денес не треба да бидеме големи херои, туку треба да бидеме партизани. Тоа е една перспектива што ја има овој филм – дека не е потребно сите да бидеме големи херои за да се случат пормени, туку дека треба да се вклучиме и да ги менуваме работите секојдневно во нашиот специфичен контекст. На крајот на филмот кажуваме дека ова е партизански филм, не реферираме на жанрот партизански филм, туку велиме дека тоа е политички филм и дека ние како граѓани, оние кои ја имаат таа привилегија, треба да се политизираме, треба политички да се едуцираме за да ги препознаеме современите фашизми. Затоа што фашизмот доаѓа во разлини нови облици, но принципите се секогаш исти. И она што Ана и јас го научивме во овој долгорочен процес на снимање на филмот, на размена и пријателство со Соња и нејзинот партнер Иво, е тоа колку е важно политичкото образование и колку тие со своето марксистичко образование ги имаат алатките релевантно да го читаат современото општество и да видат во која насока се движи. За нас денес да се биде партизан или партизанка значи политичко самоедуцирање, саморганизирање и пружање отпор“, вели за Утрински брифинг, режисерката Марта Попивода.

Попивода е филмска авторка, видео-уметница и истражувачка. Нејзиното дело го истражува тензиите меѓу меморијата и историјата, колективните и индивидуалните тела, како и меѓу идеологијата и секојдневниот живот, со фокус на антифашистичките и феминистичките можности на југословенскиот социјалистички проект. Првиот долгометражен документарец на Попивода, „Југославија, како идеологијата“ имаше своја премиера на 63-тото Берлинале и беше прикажан на многу меѓународни фестивали. Филмот е дел од постојаната колекција на МоМА во Њујорк. Нејзини дела се претставени во големи уметнички галерии, како Тејт Модерн во Лондон, МоМА во Њујорк, М ХКА во Антверпен и други.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот