ВИДЕО ПРЕМИЕРА | „Политиканти“ на „Слободен печат“, црни листи со нејасни пораки: Зарем само Македонците се корумпирани?
Во демократска атмосфера, во денешното издание на „Политиканти.мк“ беше обзнанета ударната вест што сите ги изненади – Владимир Путин демократски победи на изборите по кој знае кој пат со без малку 90 отсто од гласовите.
Препорачано
Тргнувајќи од оваа шокантна, неверојатна вест Сашо Орданоски и Борјан Јовановски се осврнаа на анализа малку на диктатурата малку на демократијата – двата системи за владеење што имаат извесни маани.
Диктаторите се на мака оти немаат механизам за бирање на наследник – ако се сè уште живи, првиот чекор на наследникот се знае. А ако не се… што потоа? Мака си има и демократија, и оваа од оваа страна на Атлантикот, ама и онаа отаде Атлантикот. Во САД се подготвуваат избори под многу чудни околности. Зошто, до бога, жените и Латиноамериканците би гласале за Трамп кој знаеме како ги есапи жените (вклучително и своите), а сите доселеници би ги протерал од државата? Во САД на овие избори ќе се гласа за едно – дали сте за или против Трамп?
Демократијата не е добар систем за владеење. Проблемот е што нема поарен, констатира Сашо во Политиканти. А зборувајќи за демократија и избори, да не заборавиме дека и кај нас ќе се гласа. Но, кај нас би се гласало: „Овие да си одат, ама оние да не дојдат“, ама тоа не е баш демократски.
Кога веќе се зборуваше за САД и за избори, и таму и тука, на списокот теми на Политиканти се најдоа и црните листи сосе „свежите“ две имиња на нив.
Зошто Катица Јанева е на црната листа на САД? Како е можно на листата да се најде и нејзиниот покоен сопруг? Зошто Американците праќаат порака до македонската јавност дека за корупцијата и криминалот се виновни само политичари Македонци? Дали Стевчо Јакимовски доби подарок од Американците што во време на изборна кампања се најде на црната листа? А зошто, пак, ВМРО-ДПМНЕ го кочи во Собранието законот со кој лицата на црни листи на САД и ЕУ би трпеле импликации и во Македонија?
И каква вест (ако е точна, а ќе треба да чекаме да провериме) – уставните измени се договорена работа и ќе ги бидне до 15 септември откога ВМРО-ДПМНЕ ќе дојдат на власт!
За ова и многу повеќе во новото издание на подкастот „Политиканти.мк“ на Слободен печат.


