ВИДЕО | Потресно сведочење на Игор Пехчевски: До кога ова здравство ќе нѐ третира како ѓубриња?

Игор Пехчевски според најавата на директорката ќе биде отпуштен предвреме/Фото: Слободен печат

Пред камерата на „Слободен печат“ Игор Пехчевски, болен од цистична фиброза, во моментов хоспитализиран на Детската клиника, сведочи за однесувањето кон него и заканите од директорката

Новинарката на „Слободен печат“ Мирослава Симоновска попладнево лично разговараше со младиот Игор Пехчевски, кој уште денеска ќе остане на терапија во Универзитетската клиника за детски болести, но не со „трикафта“ како што е редот за болните од цистична фиброза, туку според неговите наоди и сведочењето, само со инфузии и некои други лекови.

Неговото отпуштање утре го потврди и самата директорка, проф.-д-р Стојка Нацева Фуштиќ, нагласувајќи во соопштението дека Игор е во стабилна здравствена состојба и со умерено засегната белодробна функција. Таа препорачува дека со спроведување на препишаните терапии и редовна физикална терапија, тој може да се одржува стабилен.

-Како што гледате, овде е канилата примам инфузија десетина дена. Нашата терапија трае по 14 дена. Ја прочитав изјавата на директорката Фуштиќ дека мојата состојба е стабилна, и тоа не е точно. Игор Пехчевски не е стабилен, Игор има многу лоша здравствена состојба и многу лоша рендгенска слика. Еве ја отпусната листа, каде убаво се гледа дека треба да бидам испишан на 18 април, а не како што вели докторката утре. Тоа нема да се случи. Ја зборувам вистината пред целата македонска јавност, со гордо исправено лице и мора да го добиеме лекот трикафта, не смееме да чекаме да дојдеме до лошата терминална фаза, кога имаме пациенти за кои не знаеме дали ќе им влијае лекот, вели Пехчевски за „Слободен печат“.

Тој додава дека има бактерија МРСА и претходно лекарите од Пулмологија му рекле дека треба да биде хоспитализиран на секои три месеци за да се искорени оваа бактерија. Тој страда и од панкреатитис, поради што пие по седум капсули дневно со секој оброк.

Додава дека со директорката на Детска клиника од почетокот не е во добри односи поради тоа што преку медиумите и социјалните мрежи постојано алармира за својата тешка состојба и го бара лекот „трикафта“.

-Дојде директорката и во два наврати ми рече како се однесувам. А ова болница е како нејзина лична сопственост, од татко ѝ и од мајка ѝ . Тоа е срам. Го повикувам премиерот, претседателот на државата да дојдат тука да се соочиме да видат како однесување има тука, во оваа држава. До кога ова здравство ќе не третира како ѓубриња? Просто кажано, рече Пехчевски.

Тој зборуваше дека од директорката добивал и закани повторно поради појавувањето во медиумите.

-Вчера ми рече доколку новинарите дојдат викендов јас повеќе никогаш нема да бидам хоспитализиран во оваа болница и нема да бидам лечен. Ова повеќе не се издржува, рече Пехчевски и уште еднаш ги повика претседателот, премиерот и министерот за здравство да реагираат што побргу „за да не се случи уште еден Благојче па да биде предоцна“, рече Пехчевски во разговорот за „Слободен печат“ по што се врати назад во болничката соба на Универзитетската клиника за детски болести.

Според денешното соопштение од директорката проф. д-р Стојка Нацева Фуштиќ, пациентот Пехчевски има FEV1=70%  од предвидениот, додека модулаторната терапија (Kaftrio во комбинација со Kalydeco) во првата фаза  е аплицирана кај пациенти со потешка белодробна болест (FEV1 околу 40%  од предвидениот). Според неа Пехчевски ќе започне да ја прима трикафтата кога ќе биде достапна и за пациентите со умерена белодробна болест. 

Засега нема нови најави кога останатите пациенти, освен првичните 12 во најкритична фаза со цистична фиброза ќе го добијат лекот „трикафта“ што значи живот за нив.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот