ВИДЕО: Пломба за култниот скопски бар Интермецо после лудите журки без маски и дистанца

Фото: Инстаграм
Државниот пазарен инспекторат синоќа повторно го затвори култниот скопски бар „Интермецо“, популарен по лудите ноќни журки во текот на пандемијата, овој пат поради непочитувања на протоколите и рестриктивните мерки. Објектот согласно важечките прописи, добива забрана за вршење на угостителска дејност во наредните 10- 30 дена како и парична казна.

Според директорката на ДПИ, Анета Симеска Димоска пазарните инспектори синоќа влегле во објектот и постепено го испразниле, бидејќи е констатирано непочитување на мерките согласно одлуката на владата за ковид протоколите.

Откако ќе се комплетира записникот, локалот ќе добие Решение за забрана за работа во период од 10-30 дена согласно законските одредби, а глобата која се движи од 2.500 – 30.000 евра се утврдува зависно од големината на субјектот, а казна од 1.500 евра добива одговорното лице на локалот, објасни таа.

Откако ќе се обезбедат услови за работа според протоколите, локалот ќе може да продолжи со работа.

Инаку, ова популарно место за забава, веќе има најавени журки со популарни ди Џеји и музички гости од регионот веќе во петок и сабота, како и во наредниот период.

На снимките се гледа дека гостите во локалот уживаат во сетот на Ди Џеј Роџер Санчез без да ги почитуваат ниту санитарните мерки, не се држи дистанца, не се носат маски и бројот на гости е над дозволениот број со последните рестриктивни мерки.

Согласно последните владини мерки ноќните клубови (дискотеки), кабареа, барови имаат забрана за работа во затворениот дел од објектот, освен во отворениот дел (тераси) со 50% од капацитетот на просторот и ограничен број посетители до најмногу 1.000 посетители, согласно постојните протоколи.

Влезот за гостите е исклучиво со потврда за имунизација која треба да ја провери редар во објектот доколку има капацитет над 30 гости, а синоќа тоа го правеле и инспекторите на ДПИ, кои утврдиле дека гостите имаат сертификати за вакцинација, но по 22 часот, објектот го преплавиле гости кои уредно платиле влезница по цена од 1.000 денари.

Ноќниот клуб Интермецо во повеќе наврати оваа и минатата година е затворан од инспекторите поради прегласната музика или законски бучава, но барот и покрај интервенциите на градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ, инспекторите и полицијата продолжуваше со работа на своја рака.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот