Општина Центар: И „Гнездо” и „Интермецо” ќе мора да ја стивнат музиката

Општина Центар/ Фото: Слободен печат

Секторот за инспекциски работи на Општина Центар продолжи со мерењата на бучавата во угостителските објекти, при што се издадени решенија на уште два објекти, „Гнездо” и „Интермецо”, за преземање мерки за намалување на гласноста.

– Овластените општински инспектори за животна средина, заедно со одговорните лица од овластената лабораторија за мерење на бучава, со која Општина Центар има склучено договор, овие денови се повторно на терен, соопштија од Општината.

Како што информираат, по извршените мерења во одредени локали, инспекторите констатирале повисоки вредности од максимално дозволените гранични во ноќен период, по 23 часот, а уште два локали, „Гнездо” и „Интермецо”, добија решенија за преземање мерки за намалување на вредноста на имисионото ниво на бучавата во животната средина.

По добивањето на решенијата, угостителите имаат законски рок од осум дена да постапат по нив.

Изминатата седмица општинските инспектори издадоа две решенија за преземање на мерки за намалување на бучавата на два угостителски објекти, Мош и Макка, а засилените контроли ќе продолжат и во наредните денови, во сите делови од општината.

– Општина Центар апелира до сите управители и сопственици на угостителски објекти во Општина Центар, да се придржуваат до постоечките правилници, да имаат обзир кон жителите кои живеат во непосредна близина на нивните локали и да се придржуваат до Законот за заштита од бучава во животната средина. Во спротивно, за сите измерени надминувања на граничните вредности на бучава, ќе се преземат законски пропишаните мерки и на угостителските објекти ќе им бидат изречени поригорозни казни, во согласност со Законот за заштита од бучава во животна средина, посочија во соопштение општинските власти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот