ВИДЕО | Пензионерите масовно на протест: Си играат мајтап со нас, бараме итно покачување на пензиите по 3.500 денари еднакво за сите

Протест на пензионерите/Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Понижени и навредени со најавеното септемвриско покачување на пензиите од 6 проценти, пензионерите од цела Македонија масовно излегоа на протест во Скопје за да го изразат своето незадоволство и да предложат како поправедно да се подобри стандардот на пензионерите.

Револтот пензионираните граѓани кои деновиве протестираа низ повеќе градови во државава прво го изразија пред седиштето на Сојузот на здруженија на пензионерите и побараа оставка од претседателката Станка Трајковска која неодамна на преговорите во Владата во име на пензионерите се согласи за процентуално зголемување на пензиите од 6 проценти, што пензионерите го сметаат како неосновано.

Тие најавија и ревизија на финансиското работење на претседателката на Сојузот. Протестот го продолжија пред Министерството за труд и социјална политика од каде побараа линерно покачување на основицата на пензијата за сите пензионери од 3.500 денари, но и зголемување на минималната пензија на 18.000 денари. Пензионерите повикаа да се укине Сојузиот бидејќи не ги застапува интересите на пензионерите и поради тоа членираната од 30 денари и како и уплатата од 150 денари за солидарен фонд може да ги префрлат во Фондот. Побараа и удвојување на фондот за мобилност и за туѓа нега како и на социјалниот фонд за лицата кои останале без работа пред пензионирањето.

-Имаме поддршка од универзитетските професори, а и заменик директорот на Фондот од Прилеп ни рече има пари, не отстапувајте,  барајте ги своите пари. На овој собир патувавме од цела Македонија. Во ноември 2021 година кога беше најголема инфлација, енергетска и здравствена криза требаше со тој процент да ни ја зголемат пензијата. Бидете единствени и согласни да не им дозволиме да играат со нас, со нашите деца. Ние со нашата голема бројка од 336.000 граѓани сме столбот на Македонија, рече пензионерка од Прилеп која пред МТСП ги прочита барањата на пензионерите.

-Очекуваме од септември линеарно на сите по 3.500 плус покачување на пензијата. Што е ова срамота со оваа пензија сега. Нека прогледа владата, само за нив гледаат, вели еден пензионер.

-Ние само си ги бараме нашите права. Ако јас 40 години наназад сум давал за оваа држава сакам сега да ми го врати. Достоинството да пензионерот да му се врати. Срамота е вака. На што личи 12.000 денари пензија. Не смее да биде под 20.000 денари. Си играат мајтап со нас. Затоа секој ден ќе бидеме овде и тие ќе не` молат. Ова е безобразие. Претседателката на Сојузот вели „јас протестирам од канцеларија“. Станка не ја сакаме, вели еден пензионер по што околу него се слушна скандирање „оставка, оставка“.

-Ние дојдовме овде да бараме живот за овие напатени луѓе кои ја изградија државата. Дајте му на овој народ напатен минимална пензија. Да може слободно да оди во продавница и да го поведе своето внуче, да може слободно да живее и тој пензионер со минимална пензија. Ветуваат од 2017 година дека ќе ја покачат. Што може да купите со 6 проценти? Кило пиперки? Придружете ни се сите, не ни треба партија, не ни треба националност. Сите одиме во продавница, цените ни се исти за сите. Се крадеше со години, ни ги искрадоа фабриките. Оставете ги пензионерите да живеат, а не да гладуваат. Донесете под итно закон за минимална пензија. За 7 минути пратениците изгласаа покачување од 78 проценти. Сите се против нас, рече еден пензионер од Куманово.

Пензионерите од Кавадарци меѓудругото побараа и ослободување од партиципација во здравството за лицата над 65 години, измена и дополнување на позитивната листа на лекови и  воведување на старосна пензија за лица над 65 години.

-Ако овие наши барања не се реализираат протестите нема да запрат. Можно е да ги повикаме на бојот пензионерите на наредните избори, рече пензионерот од Кавадарци.

Зад истите барања стојат и 1070 пензионери од Свети Николе и нагласија дека нема отстапување од тоа. Во петок повторно излегуваме, рече тој.

Во линерното покачување на пензиите пензионерите гледаат единствен излез од сиромаштијата во која се вовлечени голем дел од нив, поради нерегулираната минимална пензија, порастот на цените и падот на животниот стандард. Голем дел од пензионерите се оставени да живуркаат со пензија од 12.700 денари, што при денешната инфлација и економска и енергетска криза го прави нивниот живот тежок, неизвесен и недостоинствен за лицата кои со својот работен стаж меѓу 35 и 40 години придонесувале за изградбата и развојот на стопанството и државата.

-Пензионерите кои имаат повисока пензија се бунат дека тие плаќале повеќе, а ние со помалите пензии сме плаќале помалку и тоа е точно. Ама кога одиме во пензија сите имаме процент од добиената плата што сме ја имале и затоа и тие влегуваат со поголема пензија. И тоа не им го оспоруваме. Но сега кога сме сите пензионери мислам дека сме еднакви и со исто звање – пензионери и не придонесуваме во пензискиот фонд. Со процентуално покачување може да го осиромашиме пензискиот фонд. Затоа бараме покачувањето да биде еднакво за сите бидејќи немаме продавници со различни цени. Нека каже власта дали некаде има продавници со пониски цени па да пазариме таму ние со пониски пензии, но и тогаш нема да биде идеално, купоните пак ќе  им ги доделат на тие со повисоки пензии и ќе ги празнат продавниците, вели една пензионерка која минимална пензија зема по низата перипетии во познатиот ланец Центро кој неславно пропадна по стечајот и чиј имот беше распродаван под сомнителни околности.

Доколку овие нивни Владата и Министерството за труд и социјална политика не ги исполни тие ќе продолжат со протестите до крајот на месецот, а од септември очекуваат линерно зголемување од 3.500 денари за сите пензионери. Министерката Јована Тренчевска откако почнаа протестите на пензионерите потсети дека новата методологија за усогласување на пензиите, односно раст на пензиите е најреална затоа што ги следи двата клучни индикатори: трошоците за живот и просечната плата.

Според неа по новата Методологија пензиите ќе растат во континуитет, односно со старата методологија пензиите во месец јануари 2022 година пораснале за 2.9 отсто, а со новата пензиите се повисоки за околу 21 отсто.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот