ВИДЕО | Османи: Бугарија остана сама, ние знаеме што сакаме

На „Преспа Форумот“ многу работевме за да создадеме една платформа со која пред светот ќе се покаже нашата страна од приказната и мислам дека и според одзивот на луѓето коишто дојдоа да покажат почит кон нашата приказна, но и да ги дадат пораките за тоа што се случува по однос на нашето досие, по однос на целиот Западен Балкан, некако ние стануваме платформа низ којашто регионот зборува пред ЕУ, пред светот, а сето тоа е создадено преку кредибилитетот на нашата приказна, но и разбирањето на моментот и добрата организација, изјави во Утрински брифинг министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

„Од Грција присуствуваше заменик министерот за надворешни работи, но имаше и претставник од бугарското МНР на ниво директор за билатерални односи. Се разбира Бугарија е пред избори и не можам да кажам дали е порака тоа што не дојде министерот, иако тој лично ми се извини што не може да присуствува поради изборите таму. Но во секој случај огромното присуство на високи претставници од регионот, САД, ЕУ, зборува за фактот дека Северна Македонија ја ставивме сериозно на мапата на вакви меѓународни конференции преку кои регионот се обраќа до светот“, вели Османи.

„Мислам дека тоа што понекогаш земјите од регионот зборуваат критички кон ЕУ е затоа што имаат емотивен пристап, затоа што ја сакаат ЕУ, инаку кога не би ја сакале би ја игнорирале, не би се впуштале во критички коментари. Основната порака беше дека географски, историски и политички Балканот нема алтернатива освен да биде дел од ЕУ, односно дека тоа е парчето кое недостасува за Европа да биде комплетна“, рече Османи и додаде дека регионалната соработка е клучен тест за тоа дали регионот е зрел да продолжи понатаму во големата Унија.

Говорејќи за т.н национално единство во Бугарија, Османи вели дека тоа е лесно кога прашањето не ве засега воопшто.

„Кај нас е поинаку. Се работи за наши прашања, за наш прогрес, наша иднина, перспектива и затоа не очекувајте таков комодитет кај нашите политичари наспроти бугарските. И ние сме единствени за прашања кои не нѐ засегаат нас. Но кога е за нас има различни идеи и притисоци и јас сметам дека добро се справуваме. 26 земји членки гласно зборуваат дека ова не смее да ѝ се случува на Северна Македонија, Бугарија остана сама на своите позиции, а сето тоа е резултат на нашиот конструктивен однос. И покрај притисоците од опозицијата не навлеговме во негативен дискурс со Бугарија и мислам дека пред очите на светот добивме признание дека ние сме во право. Постигнавме етнички консензус. Никогаш државата не била вака едногласна. Најголемата грешка што може да ја направиме сега е, од една државна позиција која има кредибилитет пред светот, некој сега да ја претвори повторно во етничка. Ако поради некои политички, партиски амбиции, овој државен консензус што го постигнавме некој повторно да го претвори во етничко прашање, тоа ќе биде најголемата штета што може да се направи. Ако треба да се донесе некаква резолуција тоа треба да биде производ од сите, а не наметната од некоја политичка партија“, вели Османи.

Интегралното интервју со министерот Османи погледнете го во видеото:

Видео на денот