ВИДЕО | Наставник по англиски шамара седмооделенец во училница во ОУ Панајот Гиновски во Бутел, директорката вели ќе оди на дисциплинска комисија

Вознемирувачко видео се појави на социјалната мрежа ТикТок, на која се гледа дека повозрасен наставник од основното училиште Панајот Гиновски во скопската населба Бутел, со шлаканици удира дете на час, го крева со двете раце од земја и го спушта, на очиглед на другите ученици во паралелката. Од Министерството за внатрешни работи за „Слободен печат“ потврдуваат дека вчера директорката на основното училиште, во попладневните часови, случајот го пријавила во полиција.
Директорката пак на училиштето, која на функцијата е помалку од една година, Камуран вели дека вчера откако се вратила дома, на социјалната мрежа го видела видеото, го препознала наставникот и веднаш за половина час случајот го пријавила во полиција.
Станува збор за наставник по англиски јазик кој во училиштето работел повеќе години.
– Како директор ќе го дадам наставникот на дисциплинска комисија и тоа што го пишуа во законот тоа ќе го спроведеме, ни рече директорката.
Запрашана дали наставникот ќе добие отказ, таа рече дека станува збор за насилство врз малолетно лице.
– Не дозволувам насилство во моето училиште. Разговарав и со наставникот. Нема што да признава или да не признава, има видео. Мојата работа ја завршив најодговорно и пријавив во МВР. Родителите на детето се обидов да ги добијам, но биле на пат и не ми одговорија на повикот. Ќе следува дисциплинска комисија. Ученикот е во 7 одделение, а наставникот е по англиски јазик, додаде таа за „Слободен печат“.