Фото: „360 степени“ / принтскрин

ВИДЕО: На Мицкоски не му се зборува за „Феникс“ и спомениците, ги прати новинарите во Слупчане

По апсењата на поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ викендов, осомничени за злоупотреба на 57 милиони евра за споменици од проектот „Скопје 2014“, лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, вели дека овој случај има цел да ја дефокусира јавноста. Тој ги спореди милионските злоупотреби за кои се осомничени неговите сопартијци со мегаспоменикот кој лани беше откриен во кумановско Слупчане.

Мицкоски вели дека „Кулата на Борците“, изградена во сеќавање на борците на паравоената формација ОНА (УЧК), официјално со средства од Општина Липково, е дивоградба и го повика обвинителот во случајот „Феникс“ да покрене и предистражна постапка и за спомениците во Колари и Зајас.

„Можеби е добро со камерите да појдете до споменикот во Слупчане и таму да прашате кој ја дал дозволата за градба, кој и како го финансирал“, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ

„Тоа беше театар пред јавноста, а што беше прикажано пред некој ден, а вие го нарековте случај „Феникс“. Тоа е исклучиво со една цел, а тоа е дефокус од јавното мислење, за да се дивергира од оние кои денеска купуваат со десетици милиони евра имот во центарот на Скопје. Ако имало дело, тоа ќе било решено пред седум, осум-девет години. И второ, продолжува на тој начин да се негира македонскиот идентитет зашто така се фрла сенка на идентитетските обележја, односно тие споменици кои имаат за цел да прикажат историски континуитет на битката на македонскиот народ за своја држава и битката за својот сопствен идентитет. Можеби е добро со камерите да појдете до споменикот во Слупчане и таму да прашате кој ја дал дозволата за градба, кој и како го финансирал. И го охрабрувам тој истиот обвинител да отвори една таква предистрага, барем нека се охрабри да отвори предистрага. Или може сакате да одиме до Зајас, до Колари, или сакате до уште неколку места да ве однесам во Македонија каде што има такви нелегални градби и каде што има основано сомневање за еден поспектакуларен случај од овој што служи за дефокус од криминалите на овие неколку семејства кои денеска ја имаат заробено Македонија“, рече Мицкоски.

Во врска со случајот „Феникс“, денеска се огласи и владејачкиот Социјалдемократски сојуз. Од СДСМ велат дека „со тие 57 милиони евра кои ВМРО-ДПМНЕ ги злоупотребила, можеле да се изградат 33 нови градинки ширум земјата“.

Во последниот случај „Феникс“ и отворената истрага од Обвинителството осомничени се 15 луѓе, меѓу кои и некогашни високи функционери од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Тие се товарат за злоупотреба на 57 милиони државни евра за 11 споменици од проектот „Скопје 2014“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот