ВИДЕО | Меѓународниот ден на трудот одбележан со голем број протести, некои и насилни

Протести во Франција Први мај / Фото EPA-EFE/Isaac Esquivel

Меѓународниот Ден на трудот низ светот вчера беше одбележан со бројни протести. Најстрашни сцени се случија на улиците на Франција, каде најмалку 108 полицајци беа повредени, од кои 20 во Париз, изјави францускиот министер за внатрешни работи Жерар Дарманин, додавајќи дека 291 лице се приведени низ целата земја, од кои 90 во главниот град.

Таков број повредени припадници на безбедносните сили „на 1 мај е исклучително редок“, додаде министерот за внатрешни работи, кој „најостро го осуди насилството“.

„Полицаецот кој беше погоден со молотов коктел во Париз има изгореници по лицето и рацете, но неговиот живот не е во опасност“, изјави Дарманин.

Во понеделникот, неколку стотици илјади луѓе ширум Франција учествуваа на првомајските поворки, кои беа обележани со протести на обединетите синдикати против пензиските реформи. Генералниот секретар на синдикатот ЦГТ Софи Бине рече дека е многу задоволна од „големиот одѕив што ја покажува решителноста да се постигне повлекување на пензиската реформа“, а нејзиниот колега од ЦФДТ Лоран Бергер ја пофали „големата мобилизација“ на 1 мај.

Иако одѕивот беше далеку од рекордното ниво на крајот на јануари, кога, според проценката на МВР, на улица излегоа речиси 1,3 милиони луѓе, годинашниот празник на трудот успеа да собере поголем број луѓе од вообичаеното, по 12 дена протести.

ЦГТ проценува дека на митингот во Париз учествувале околу 550.000 луѓе и 2,3 милиони во цела Франција.

Во Париз јавниот ред и мир го одржуваа 5.000 полицајци, а поворката започна во 14 часот по средноевропско време, со учество на синдикалци од целиот свет.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот