ВИДЕО| Мани: Машки костум се шие за еден ден, панталони за седум часа
„Слободен печат“ во поддршка на старите занаети од Скопската чаршија. Преку интервјуа со занаетчиите ќе се обиде да ги спаси од заборав, да ги запозне младите генерации со традицијата која со векови се одржува во Чаршијата. Можеби прилозите ќе бидат поттик за некој млад човек некој занает да го одбере за своја идна професија и со тоа да ја продолжи традицијата. Со тоа ќе ги спаси дуќаните од трајно затварање.
Денес наш гостин е Селајдин Мани. Во чаршијата е над 50 години од негова единаесетгодишна возраст. Бил прво чирак, па калфа сега е еден од последните кројачи на костуми во Чаршијата. Веќе е пензионер, но доаѓа за постојаните муштерии кои сакаат костуми по мерка. Ретко нарачуваат од помладите генерации, бидејќи цената за шиење е висока. Наследник нема, синот бил во оваа професија, но се откажал.
Неговата приказна почнува далечната 1967 година. Веќе 56 години машината му е најверниот пријател. За занаетот вели дека е еден од најевтините за почеток, треба машина, игла, конец, напрсток, линеар и пегла.
-Ме прашавте зошто кројач. Во тој период кога почнував во експанзија беше кројачкиот занает. Имаше над 30 кројачки дуќани, исто толку имаше дуќани што продаваат материјали. Процесот на работа почнува со земање мерка. За панталони или за костум. Панталоните се кројат, за палто мора да се дојде барем еднаш на проба. Порано имаше нон стоп работа. Сега поретко доаѓаат за шиење. Денес има двајца кројачи во Чаршијата, ниедна продавница за материјали- вели Мани.
За себе вели дека по 20 до 30 одела сам шиел месечно, немало конфекција, сам се работел.
-Само машка облека сум шиел, ретко женски костим. Кај машка гардероба има повеќе работа и некако повеќе ми лежи. Се знаеше порано како се работи, сега повремено доаѓам пензионер сум две години, вели Мани.
За неговата професија вели дека е уметничка, мора да знаеш како да скроиш и сошиеш.
-Треба вештини, кројачот е уметник, мора да има визија за крајниот производ. Порано само недела се одмараше, но многу често и се работеше. Од понеделник до недела мора да се заврши оделото зошто на муштеријата му треба за свадба. Едни панталони се шијат седум часа, одело 24 часа. Во текот на неделата 4 до 5 одела сум правел и во просек 20 пара панталони- вели Мани.
Нема наследник, вели дека после него дуќанот ќе се затвори. Нема чираци повеќе од 15 години, никој не е заинтересиран за шиење.
-Син ми работеше еден период, па отвори бутик, но и таму нема работа. Сега смени професија- со тага во очите вели Мани.
Целото видео на нашата колешка Агнеса Чаволи и постапката како се крои машки костим погледнете ја овде:
Во понеделник очекувајте го Буран Асан, кој го прави единственото турско кафе на песок, но и лимонада од роза единствена од таков вид во градов.