ВИДЕО | Мајката чие бебе почина на ГАК: Влегов да родам син, излегов во црнина
Од медиуми видов дека моето бебе било интубирано по вторпат, никој не ми кажа дека се обидувале да го оживеат, а за внатрешната контрола на Комисијата за квалитет на ГАК дознав од медиумите.
Препорачано
Вака мајката на бебето чија сомнителна смрт ја истражува Јавното обвинителство и МВР по сторијата на „Слободен печат“ ги опишува траорните моменти кои ги живее последните два месеци, а кои кулминираа откако таа дозна дека смртта на бебето била предмет на внатрешно испитување на Клиниката откако раководителка на одделот за интензивна нега пријавила своја колешка од одделот за професионална грешка. Мајката на бебето е децидна – не видела ниту реинтубација ниту реанимација на новороденчето. Изјавата на докторката доставена до директорката на болницата е спротивна на ова тврдење. Таа тврди дека „семејството присуствувало на целиот процес на реанимација“. Низ солзи мајката истакна дека само една мајка знае како е после 41 час малтретирање на операција да се излезе со празни раце. Бара институциите да не го заташкуваат туку да го расчистат случајот.
Демантот на ГАК не е демант туку очајно обвинување на професионалното новинарство
„Со месеци живеев со мислата дека јас сум виновна. Денес знам дека прашањата се многу поголеми од мене“, вели таа.
Таа за „Слободен печат“ изјави дека од болница излегла без медицинска документација за детето. Обдукцијата ги засилила нејзините сомнежи. Вели дека ќе инсистира случајот целосно да се расчисти и дека ќе биде достапна за медиумите до крај. Целата ситуација кај неа создава сомнежи дали да помисли на следно раѓање и каде да го направи тоа знаејќи дека довербата е разрушена.
„Не можам да го вратам мојот син. Но морам да зборувам – за другите мајки, за идните породувања и за да не се прикриваат грешките“, порачува таа.
По објавите на „Слободен печат“ за смртта на новороденче на Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК), мајката на бебето јавно даде сведоштво за, како што вели, тешко породување, недостиг од навремена интервенција и целосно отсуство на информации за состојбата на нејзиното дете.
Породувањето започнало на 27 септември во 2 часот и 30 минути по полноќ, кога ѝ пукнал воденикот. До утрото чекала дома, а кога започнале болките, по совет на матичниот лекар, се упатила во болница. На прием ѝ било кажано дека процесот на породување е започнат и дека ќе биде породена со царски рез.
Наместо итна операција, таа била задржана на Одделот за патолошка бременост, каде ja минала ноќта со силни болки кои, како што вели, не биле сериозно сфатени. И покрај контракциите на секои неколку минути, ѝ било кажано дека е отворена само четири сантиметри и дека ќе се следи состојбата. Таа тврди дека била под притисок да се породи природно, и иако немала сили, не ѝ биле понудени стимуланси.
Кога болките станале неподносливи, побарала царски рез и тврди дека не ѝ бил понуден документ за потпис, иако претходно имала такво породување. Операцијата била извршена вечерта, по што бебето ѝ било донесено, го држела и ништо не укажувало на итна опасност.
Неколку часа подоцна, ѝ било соопштено дека бебето е во инкубатор поради потреба од кислород и можно присуство на инфекција. На прашањето од лекарите за евентуални инфекции за време на бременоста, рекла дека анализите биле негативни, по што тврди дека следните три дена не добила ниту една официјална информација за состојбата на детето. Мајката тврди дека со денови живеела во неизвесност и страв, без ниту еден лекар да ѝ објасни што се случува.
По интервенција преку познаници, им било дозволено да го видат бебето, при што им било кажано дека имало белодробни кризи, но дека состојбата се стабилизирала. Следниот ден, состојбата повторно се влошила. Мајката вели дека имала силно претчувство дека нешто не е во ред и дека нејзиното бебе е токму тоа за кое лекарите зборуваат.
Подоцна им било кажано дека бебето имало нова криза и дека состојбата не е добра. Кратко потоа, ѝ било соопштено дека новороденчето починало. Како причина ѝ било кажано дека не можело да го издржи кислородот и дека течноста што навлегла во белите дробови била фатална.
Вели дека не ѝ бил даден никаков писмен извештај за смртта на детето и дека голем дел од информациите ги дознала преку медиумите.
Демантот на ГАК не е демант туку очајно обвинување на професионалното новинарство


