ВИДЕО | Лажни видеа со украински регрутирани војници како плачат се шират низ интернетот
Видеото во кое млад маж со солзи во очите тврди дека е мобилизиран во украинската армија и дека го испраќаат во Часив Јар, стана вирално на социјалните мрежи и собра милиони прегледи ширум светот, поттикнувајќи го наративот дека Украина насилно регрутира млади мажи за да ги надомести загубите на фронтот.
Препорачано
Обратно пребарување на слики и анализа на повеќе објави кои ги направи Дојче Веле покажуваат дека видеото е споделено стотици пати на различни платформи и на десетици јазици, при што најпопуларната верзија се појавила на унгарски профил на Х, каде што е прегледана над 1,8 милиони пати. Но содржината е целосно лажна, наведува германскиот медиум.
Минималната возраст за мобилизација во Украина беше намалена од 27 на 25 години во април 2024 година, но никогаш на 23, како што тврди наводниот регрут во видеото.
The Resonance
“I don’t want to di€”A 23-year-old Ukrainian, tears in his eyes, was forced to join the army and is being sent to the front lines to fight. pic.twitter.com/sLt9hLwmIO
— Forbidden News (@NewsForbiddenX) November 4, 2025
Дополнителната визуелна анализа открива дека станува збор за материјал генериран со вештачка интелигенција, што може да се забележи преку бројни аномалии во лицето, опремата и движењата, вклучително и несоодветната кацига која не наликува на стандардната украинска воена опрема.
Основна проверка со препознавање на лице открива дека младото лице прикажано во видеото не е украински војник, туку руски инфлуенсер од Санкт Петербург по име Владимир Јурјевич Иванов, познат онлајн под псевдонимот Kussia88. Зборот „kussia“ на руски значи „каша“, но бројката 88 во неговиот псевдоним има јасна крајно десничарска конотација, затоа што во неонацистичка симболика означува „Хајл Хитлер“, а латиничната форма со двојно SS не е случајна.
Дополнително, буквите АИ во екстремно десничарските кругови често се читаат како бројот 14, што е поврзано со „14-те зборови“ на американскиот неонацист Дејвид Лејн. Во URL-адресите и описите на профилите на Иванов на ТикТок и Бусти се појавуваат токму бројките 1488 и 8814, што дополнително ја потврдува врската со оваа симболика.
Според јавни дискусии на Reddit, неговата Twitch-сметка, која брои повеќе од 1,3 милиони следбеници, била привремено забранета најмалку еднаш во последните месеци. Иако Иванов генерално избегнува да зборува за војната во Украина, украинската база на податоци „Ѕвезди на војната“ наведува дека тој еднаш бил опоменат од руските власти за исмејување на децата на мобилизираните војници. Подоцна се извинил во видео снимено пред руско знаме и рекол дека верува дека Крим е руски.
Видеото со неговото лице, како и десетици други слични клипови со наводни украински војници што плачат во воени возила, најпрвин се појавиле на веќе избришан ТикТок-канал со име @fantomoko. Повеќето видеа имале неколку илјади прегледи, но неколку достигнале стотици илјади, а најпопуларните над еден и два милиони прегледи. Дел од материјалите дури содржеле и воден печат од „Sora“, генератор на визуелни содржини од OpenAI, што дополнително ја потврдува употребата на вештачка интелигенција.
Во некои од видеата се појавува и лицето на Алексеј Губанов, критичар на рускиот претседател Владимир Путин кој живее во Њујорк. Не е познато дали Иванов или Губанов активно учествувале во создавањето на овие клипови. Во случајот на Губанов тоа изгледа малку веројатно, но Дојче Веле побара коментар од двајцата, што не ги доби.
Без разлика дали вистинските личности биле вклучени или не, видеата остануваат целосно лажни. Тие претставуваат пример за нова генерација дезинформации засновани врз вештачка интелигенција, чија цел е да предизвикаат емоционална реакција, да го нарушат угледот на Украина и да создадат слика за паника, очај и масовна присилна мобилизација, наведува германскиот медиум.



