ВИДЕО: Кога ме уапсија одев да земам дипломатски пасош во Македонија, вели контроверзниот српски бизнисмен Колувија

Контроверзниот Предраг Колувија го даде првото интервју по две години во домашен притвор

Контроверзниот српски бизнисмен Предраг Колувија, обвинет во Србија за нелегално производство и чување марихуана, во моментот кога го апсела полицијата бил на пат за Македонија да аплицира за почесен конзул на нашата држава во Србија, пишува Призма, повикувајќи се на интервју кое Колувија го даде минатата недела во Србија, откако по две години беше ослободен од домашен притвор.

Во ноември 2019 година, неколку дена по апсењето, полицијата откри нешто повеќе од 60.000 билки на неговиот имот близу Белград, од кои повеќето имале повисока концентрација на активната состојка ТХЦ од дозволеното.

Колувија, всушност, вели дека бил уапсен на автопат, бидејќи српската полиција се плашела дека кога тој веднаш и истиот ден би го добил дипломатскиот статус од Македонија, тоа подсцна би го отежнало неговото апсење и кривично гонење..

Сѐ до апсењето, Колувија беше еден од сопствениците на две фирми во Македонија за легално производство на канабис за медицински цели. Набргу потоа, македонските власти ѝ ја одзедоа лиценцата на фирмата што веќе произведуваше марихуана близу кавадаречкото село Росоман, со образложение дека не водела евиденција за секое стебло канабис.

БИРН овие наводи ги објави пролетва во истражување, потенцирајќи дека македонските власти никогаш не се заинтересирале за тоа што се случило со марихуаната за која не била водена евиденција.

Дел од партнерите на Колувија во Македонија имаат бизнис-минато со членови на фамилијата на премиерот Зоран Заев. На прашањето на водителот на интервјуто дали Македонија му нудела да биде почесен конзул, тој неодредено одговори дека „тоа била желба на некои негови пријатели“, кои сметале дека тој е „одличен кандидат за почесен конзул поради неговиот економски и политички ангажман во државава“.

Контроверзен е и тој негов „политички ангажман“, бидејќи, како што самиот вели во интервјуто, сакал „да ги оживее сеќавањата на четниците од Македонија и на тоа дека Македонците се Срби“, пишува БИРН.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот