ВИДЕО: „Како не ви е срам да барате пауза“: Иван Иваноски распали на Анкетната за Кочани
„Како не ви е срам да се препукувате пред родителите уште пред да почне седницата? Родителите чекаат девет месеци, вие барате еден час пауза“, порачаа претставници на здружението „Сапорт Кочани“ кои остро реагираа на почетокот на седницата на Анкетната комисија за трагедијата во дискотеката „Пулс“ каде загинаа 63 млади луѓе. Оваа реакција следуваше по барањети на дел од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ за едночасовна пауза.
Препорачано
-Како не ви е срам да се препукувате пред родителите уште пред да почне седницата? Ние од „Сапорт Кочани“ за еден час направивме цела веб-страница за помош на родителите и жртвите и тоа волонтерски. А вие сте платени да работите. Родителите немаат спиено девет месеци, а вие барате пауза од еден час?! Правата на родителите беа загрозени, а врз нив постојано се вршеше притисок преку вашите пропагандни медиуми. Како младите да продолжат да веруваат во системот? – рече Иван Ивановски коосновач на „Support Kocani“.
Тој оцени дека постојат очигледни обиди да се избегне дебата за трагедијата и да се минимизира моралната одговорност на институциите. Побараа политичка одговорност од министрите и владата, потсетувајќи дека тие се претставници на институциите кои, според нив, потфрлиле и дозволиле да се случи трагедијата.
-Сите функционери треба да излезат и јавно да кажат што работеле досега и како придонеле вакви настани да не се повторуваат. И како ги заштитиле правата на родителите кои денес се тука – рече Ивановски од говорницата.


