ВИДЕО: Како американски „Пица Хат“ ги претстави Горбачов и Русија во нивната реклама од 1998 година

Фото Колаж на СП/ ЕПА

На социјалните мрежи се појави стара реклама од 1998 година на американскиот ланец на ресторани „Пица Хат“ на која главна улога има последниот претседател на Советскиот Сојуз, Михаил Горбачов, а рекламата е снимена во Москва, пишува Би-Би-Си.

Рекламата почнува со маж и дете како шетаат низ речиси празниот Црвен плоштад во Москва, со чадор во рака. Во следниот кадар може да се види дека всушност станува збор за Михаил Горбачов и неговата внука.

Горбачов потоа седнува со неговата внука во ресторанот на „Пица Хат“, каде гостите го приметуваат и почнуваат да се расправаат околу неговите политики. На крајот, жената која седи со нив вели дека „благодарејќи на Горбачов, во Русија има Пица Хат“, по што двајцата мажи се согласуваат. Рекламата завршува со сите луѓе во ресторанот поздравувајќи го рускиот претседател.

Ова е една од најпознатите реклами на познатиот ресторан за пици, кој по смртта на поранешниот советски лидер повторно се појави на интернет.

Но, прашањето е зошто, 24 години подоцна, оваа реклама се споделува како клучен момент што ја дефинира таа ера?

На самиот почеток, како што пишува Би-Би-Си, самиот Горбачов не бил сигурен дали да биде дел од рекламата или не.

Од една страна, парите биле привлечни за Горбачов. Се смета дека тој ги искористил за финансирање на фондацијата Горбачов – компанија што тој го основал.

Од друга страна, тој сметал дека појавувањето во реклама за една од најголемите американски фирми сигурно дополнително ќе ја наруши неговата и онака лоша репутација во Русија.

„Прво се договоривме, па се откажавме, па пак се договоривме, па потоа пак се откажавме. Неизвесноста беше начинот на кој Русите преговараа, односно дали таквиот потег е добар или лош за него“, изјави за Би-Би-Си Кејти Бистријан, Американка која го претставувала Горбачов во преговорите.

На крајот, претседателот на СССР се согласил, но под неколку услови. Тој не сакал да биде снимен како јаде пица (тоа ѝ е оставено на неговата внука) и барал рекламата да заврши токму со него.

Рекламата одлично го отсликува тогашното руско општество

Рекламниот спот, снимен во 1997 година, а објавен следната година, добро ја отсликува комплексноста на руското општество неколку години по распадот на Советскиот Сојуз.

„Ако се обидувате да ја опишете Москва од 1990-тите – рекламата е лекција од една минута“, вели д-р Јувал Вебер, експерт за Русија кој ја користи рекламата во неговите предавања по историја.

Присуството на американскиот синџир за пица во Москва, каде првата филијала била отворена во 1990 година, била симбол на растечките економски врски меѓу Западот и Русија.

Но, како што станува јасно во рекламата, реформите што ги започнал Горбачов не биле популарни кај сите Руси.

Како што пишува британскиот медиум, за време на неговото владеење бил донесен одреден степен на демократија во автократската земја. Но, тој не бил во можност да го спречи бавниот колапс на унијата, а многу Руси го обвинуваат за годините на економски и социјални превирања што потоа ја погодија Русија.

Горбачов – едно од најважните лица од втората половина на дваесеттиот век

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот