ВИДЕО | JEEN-YUHS: Или зошто секој треба да го знае Канје Вест

Jeen-Yuhs, Канје и Донда Вест, Фото Twitter
Jeen-Yuhs, Канје и Донда Вест, Фото: Twitter

Рецензија на документарниот филм режиран од Куди Симонс и Чике Озах, во продукција на „TIME Studios“ кој се снимал повеќе од две децении и може да го најдете на „Netflix“.

Како и секој симпатичен документарец и „Jeen-Yuhs: A Kanye Trilogy“ ме улови на носталгија. Да се проследи раѓањето на гениј на ваков сиров и контролиран начин беше посебно искуство за мене како обожавател на „контроверзниот“ Канје – Је Вест. Без разлика на симпатиите што ги негувам кон еден од несомнените визионери на нашиот век, секој, без исклучок, треба да го запознае Канје Вест. Зошто? Затоа што е Канје Вест.

Во однос на насловот, „Jeen-Yuhs“ е фонетски правопис на зборот „гениј“ и тоа е придавка која често се користи за да се опише Канје Вест, и кога се коментира неговото музичко визионерство како продуцент, рапувањето или присуството во светот на модата преку неговиот бренд „Yeezy“.

Наратор на приказната е Куди Симонс, еден од снимателите, кој е првиот што го ставил Канје пред камера. Па, од таму и се создава идејата да биде снимен овој документарец. Проектот започнал кога Симонс го препознал талентот на Канје и одлучно се преселил во Њујорк за да го следи и снима Канјe за документарен филм во 2002 година.

Куди Симонс, Канје Вест, Чики Озах, Фото: Твитер - принтскрин
Куди Симонс, Канје Вест, Чике Озах, Фото: Twitter – принтскрин

Иако, уживав во досега неоткрините снимки на младиот и идеалистичен Је, документарецот како целосно кинематографско дело за мене беше разочарување. Истиот започнува со Канје во Доминиканската Република, периодот кога светот дознава за неговата состојба на биполарност и Канје се кандидираше за претседател на Соединетите Американски Држави, па хронолошки се навраќа на периодот кога Канје бил млад и „гладен“ продуцент во Чикаго.

Првите две епизоди „act i: VISION“, „act ii: PURPOSE“, имаат наративен концепт и завршуваат со двете најпознати и најголеми трагедии во животот на Канје, а тоа се сообраќајната несреќа што му ја скрши вилицата и смртта на мајка му Донда. Но, како што Канје, станува Канје наивниот документарец станува неважен и последната епизода „act iii: AWAKENING“ е колаж од најголемите приватни и професионални моменти во животот на раперот.

Kако што забележува Симонс тоa се должи на нивното раздвојување, раѓање на неговата ќерка и смртта на Донда, така што не можело ништо да се направи кога станува збор за снимањето на документарецот.

Канје Вест, Фото: Twitter – принтскрин

Со ваквиот документарен пристап добиваме временска машина во која постои некој Канје Вест од сеќавањето, но секој дел од Канје го прави Канје, а отсуството на толку многу моменти од неговата кариера го прави серијалот – штур. Единствено сме сведоци на снимање на песната и видео записот(во кој се користени снимки од документарецот) на „Through the Wire“ од албумот „The College Dropout“, или еден од тие албуми по кои не остануваш ист. Жал ми е што нема доволно, Канје се чини преголем за да биде ставен во рамките на неговата младост или заглавен во матрицата „предолго бил игнориран, па сега живее во хипербола дека е Бог“.

Моето видување како лојалист на уметничкиот израз на Је можеби има одредени негодувања, но сепак документарецот заслужува секој да го погледне и запознае човекот, кој според себеси – стигнал најблиску до Бог.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот