ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Тони Димков – хроничар на македонската култура
„Огледало на живата мисла“ е најновата книга на Тони Димков, уредникот на културниот додаток во „Слободен печат“, „Културен печат“. Книгата е компилација на одбрани интервјуа, кои во периодот од изминатите две години биле објавувани во нашиот весник.
Препорачано
– Книгата излезе непосредно пред Нова година и ептен е свежа. Сѐ уште не е промовирана, а промоцијата набргу ќе се случи, се надевам по празниците. Инаку, книгата практично е продолжување на мисијата која ја започнав со првата книга со намера да биде артефакт на тоа што „Културен печат“ го објавува. Во секој број на „Културен печат“ има едно големо интервју на две страници, кои излегуваат уште од првиот број на прилогот, а се третира соговорник кој изминатата недела најмногу се истакнал. Во моментов го подготвувам бројот 162 на „Културен печат“, а од прилика досега имало околу 150 интервјуа – вели Димков.
Тој резигнирано констатира дека иако во текот на денот има поголем број културни настани, комерцијалните медиуми не се мотивирани да ги проследат.
– „Слободен печат“ е исклучок од правилото, бидејќи најголемиот дел од медиумите во Македонија воопшто немаат културни рубрики во своите редови – додава тој.


