ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Митко Б. Панов: Гоце Делчев е пречка за северномакедонизмот

Историјата не е случајно поставена централно во двата договори со Грција и со Бугарија, бидејќи само нејзино ревизирање треба да го проблематизира македонскиот идентитет и да се создаде нов конструкт на северномакедонскиот народ, вели историчарот Митко Б. Панов од Институтот за национална историја во Скопје.
– Затоа Гоце Делчев е на удар, може да се каже дека тој му пречи на северномакедонизмот. Гоце е симболот на македонизмот, односно на македонството и токму од тие причини се настојува заедно тој да се чествува, но не само Гоце туку и сите други историски личности кои се поврзани со Македонија, сега треба да им се даде нов контекст, а со тоа всушност да покаже дека македонската нација е измислена во титова Југославија, некаков вештачки конструкт, со историја заснована на фалсификати. Тоа современата наука потполно го негира – изјави Панов во студиото на Утрински печат.
Историчарот смета дека и дека не е умесно да се одржува заедничко чествување на историски личности, кога едната страна не ја признава другата. Тој истакна и дека Заедничката комисија за историја на Македонија и на Бугарија, во препораките го дава исклучиво бугарскиот наратив.
– Комисијата во препораките си даде исклучиво бугарски контекст на мисијата на Кирил и Методи, не спомнувајќи ја никаде Македонија, дека се родени во Македонија. Значи се исклучува целосно македонскиот контекст, а се дава исклучиво бугарскиот поглед на историјата – додава Панов.
Во интервјуто тој дава и мошне исцрпен одговор на делот од историјата кој му припаѓа на државата формирана од цар Цамоил, како и на гледањето на работите од поинаков агол од оној на кој сме навикнати да ги согледуваме историските извори, а се типични за развојот на науката во текот на 19 век.