ВИДЕО ИНТЕРВЈУ Маријана Лончар Велкова: Нема да има заблуди за цени – ќе се знае колку е и парче, колку е и килограм

Маријана Лончар Велкова / Слободен печат

Кај договорот на далечина потрошувачот има можност да го врати производот во рок од 14 дена без образложение. Проблем е што има многу купувања од нерегистрирани трговци што продаваат преку Фејсбук.

Стариот Закон за заштита на потрошувачите беше донесен во 2005 година, претрпе многу промени, а требаше и да се усогласи со новите директиви на ЕУ. Во петокот се донесе сосема нов Закон на заштита на потрошувачите што треба да ги унапреди правата на потрошувачите и да ги имплементира последните европските искуства. Во Законот е уредено враќањето на производите, истакнувањето на цените, организирањето акциски продажби, распродажби и онлајн продажби.

Во разговор за „Слободен печат“, претседателката на Организацијата на потрошувачи на Македонија Маријана Лончар Велкова вели дека трговците нема да може кога сакаат да напишат распродажба, ниту пак може да прават сезонски продажби во текот на целата година – тоа е можно само двапати годишно.

Лончар Велкова особено го потенцира значењето на истакнувањето на цените во ова време на висока инфлација, кога сè почесто сирењето и кашкавалот се пакуваат во помали количини.

– Цената треба да биде така истакната така што ќе му овозможи на потрошувачот да види колку таа е за еден килограм или литар, а колку е за парчето што се продава. Така, ако цената за 250 грама сирење е 250 денари, лесно да може да заклучам дека станува збор за скап производ – вели Лончар Велкова.

Таа објаснува дека распродажба може да се напише само ако се затвора објектот, ако се сели во нов или ако престанува да продава некој производ. Сезонски намалувања ќе има само за летната колекција во август и во септември и за зимската во декември и јануари.

И во досегашната регулатива производите можеа да се враќаат во одреден рок. Лончар Велкова вели дека многу бутици тоа веќе го практикуваа, но дека полесно се заменуваа производите, а потешко се враќаа пари.

– Според Законот за потрошувачи, производот може да се врати за 15 дена ако не е скината пломбата, ако не носен. Сега постои истата одредба како и во стариот закон, но она што сега е многу појасно утврдено е сообразноста на производот. Порано се мешаше безбедност со сообразност на производ. Сообразност значи усогласеност на производот со неговите перформанси.  Предвидено е да може да се даде и гаранција од страна на трговецот, со што сега имаме дефинирање на трговска гаранција, покрај гаранцијата од производителот – вели претседателката.

Средена е и работата околу рекламирањето и ако има измамничко и агресивно рекламирање, тоа е пренесено во нечесни трговски практики. Во законот е добро уредено потрошувачкото договарање, а многу е важно што е добро уредена потрошувачката поплака. Наведено е дека трговецот мора да ја прими поплаката, да ја ажурира и да му одговори на потрошувачот во разумно време.

Новиот Закон за потрошувачи ја уредува и онлајн продажбата.

 – Кај договорот на далечина, потрошувачот има можност да го врати производот во рок од 14 дена без образложение, а во зависност од договорот, враќањето може да биде на сметка на трговецот или на сметка на купувачот. Проблем е што има многу купувања од нерегистрирани трговци што продаваат преку Фејсбук. Законот ги регулира трговците што продаваат онлајн, или офлајн, но не и фејсбук-нерегистрирана продажба. Ние секојдневно имаме повици од измамени купувачи што мислеле дека купиле производ од регуларен трговец преку интернет, но тој тоа всушност не е. Во тој случај, ниту ние можеме да реагираме, ниту Пазарниот инспекторат, затоа што не може ни да се најде продавачот. Тоа веќе преминува во надлежност на кибер-полицијата која би требало да открие кој нелегално продава. Инаку, имаме многу поплаки – најмногу за купена облека преку интернет, па за чевли, а сега веќе и за техника – вели Лончар Велкова.

 

Целото ВИДЕО -ИНТЕРВЈУ погледајте го во продолжение.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот