ВИДЕО: Интер не победи и втор натпревар во низа, Аталанта однесе бод од Милано
По поразот во градското дерби од Милан во претходното коло, Интер повторно не успеа да стигне до цел плен и одигра 1-1 против Аталанта.
Препорачано
Тимот предводен од Кристијан Киву имаше поголема иницијатива и создаде повеќе шанси во текот на натпреварот, но на крајот мораше да се задоволи само со бод. Домаќините поведоа во 26. минута, кога Франческо Пио Еспозито ја затресе мрежата на гостите и донесе водство за „нераѕурите“, резултат со кој се замина и на полувреме.
Интер продолжи да притиска и во вториот дел, контролирајќи го темпото на играта, но во самиот финиш следуваше казна. Гостите ја искористија една од ретките можности и стигнаа до израмнување.
Голот за Аталанта го постигна Никола Крстовиќ во 83. минута. Во моментите кога ситуацијата се проверуваше со помош на ВАР, тренерот на Интер, Киву, доби црвен картон поради бурни реакции од клупата. До крајот Крстовиќ имаше уште една добра можност да донесе целосен пресврт за својот тим, но неговиот удар заврши покрај голот.
Со ова реми, Интер му отвори шанса на Милан. Доколку „росонерите“ утре го совладаат Лацио, ќе ја намалат разликата на табелата на пет бода.


