ВИДЕО | Илија Пиперковски: По успехот на “Дедо и внук” имам планови за поголем филм

Меѓународниот филмски фестивал во Буенос Аирес и Осака, Градскиот филмски фестивал во Стокхолм, фестивалите на независен филм во Далас и Рим, како и Меѓународниот филмски фестивал во Шведска се последните филмски фестивали кои го селектираа во својата програма играниот филм „Дедо и внук“ на режисерот Илија Пиперкоски. По шест награди, играниот филм „Дедо и внук“ неодамна беше прогласен за најдобар странски филм на престижниот „Independent Film Awards“ во Лондон.

„Мислам дека успехот на филмот се должи на приказната, таа е препознатлива без разлика на кој континент се прикажува филмот, емоциите, начинот на кој е раскажана приказната, актерската игра оставија впечаток и трага кај целата публика и на тој начин стана препознатлив и веројатно затоа филмот освојува награди. Живеам и креирам денес и овде, филмот е огледало на едно општество и една средина во која живееме и затоа филмот е интересен и препознатлив, затоа што тие работи што кај нас се случуваат во здравството не се случуваат во Норвешка или во Јапонија, таму има други проблеми“, вели за Утрински брифинг, режисерот Илија Пиперковски.

Тој своето филмско образование го стекнал во Романија, каде и докторирал и предавал на факултет.

„И моите колеги и таа филмска средина ми помогна да го оформам јазикот на кој комуницирам со филмот. За да комуницираме емоции мора да научиме една филмска граматика преку која ќе раскажеме состојби на битисување, дејствување, состојби на живеење. Филмот е макотрпен и долг процес, бара многу планирање, не е лесно да се снима филм во Македонија. Без разлика што ги добив финансиските средства од Агенцијата, мораше и кредит да земам за да го почнам снимањето“, додава Пиперковски.

Тој кажа дека со готови сценарија веќе конкурирал во Агенцијата, но бил одбиен заради, како што рече, некои необјасниви причини. „Можеби мојот ред не е дојден да добијам финансиски средства за да снимам поамбициозен филм, бидејќи секогаш вториот филм е со поголеми очекувања, така и моето ново сценарио е помабициозно и во однос на бројот на актери и во однос на новите начини на раскажувањето приказна во македонската кинематографија“, вели Пиперковски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот