ВИДЕО | Храбра Македонка го опишува пеколот откако нејзина слика се нашла во „Јавна соба“: Испаничив, се преплашив, никогаш досега не сум доживеала такво нешто

Млада жена која е меѓу многуте жртви од групата во која се споделуваат фотографии и контакт броеви од девојки и жени на сите возрасти од Македонија, на својот инстагрим-профил објави трауматично сведоштво за тоа низ каков пекол поминала. 

„Јас сум Ана, една од девојките која што беше објавена во Јавна Соба“ – вака започнува храбрата исповед на девојка од Кавадарци. Нејзина фотографија, направена на летен одмор, заедно со невкусна порака и телефонски број, биле оставени во грозоморната група на Телеграм, со огромен број на членови.

– Над сликата имаше оставено мои лични податоци и мој телефонски број и надолу опис од некоја личност, која сакала на некој начин да ми наштети или го направила тоа за забава. Ова е сликата која некој ја злоупотребил…, вели Ана.

– Почнав да добивам пораки и повици на мојот мобилен, на Вајбер, на Ватсап, на Месинџер и на Инстаграм. Не знаев што се случува и од каде доаѓа тоа. Се додека наредниот ден не добив скриншот од мојата слика, зашто таа слика не само што беше објавена во „Јавна соба“, туку е препраќана и на други места, вели таа.

– Не знаев што да правам, испаничив, се преплашив, никогаш не сум доживеала такво нешто. Отидов во оддел за сајбер криминал да пријавам. Им ја покажав сликата, ги покажав пораките и повиците, дека имам со име и презиме луѓе кои ми пишуваа и ѕвонеа.

Кога слушнаа дека сум полнолетна, рекоа дека законот во нашата држава не може ништо да направи, бидејќи е само за малолетници. Бев беспомошна и бесна. Не знаев каде да се обратам. Изгубив секаква надеж, се разочарав.

Малку се повлеков, еден ден, но потоа продолжив со животот, иако пораките и повиците не престанаа и уште не се престанати. Кое ниско ниво на морал е тоа?

Единствено што можам да кажам е дека беше доста, претходно имаше многу жртви во вакви ситуации, ова треба да престане. Треба да се донесе закон што ќе не штити од ваков криминал. Секој еден може за нас да објави и напише што сака. Доколку се случи такво нешто на некоја ваша блиска личност, немојте да осудувате, но немојте и да молчите. Време е да прозбориме и ваквите ситуации да престанат, сведочи таа.

Обраќајки им се на сите девојки и жени што се соочуваат со ваква злоупотреба, Ана вели: „Ова не е ваш срам. Ова е срам на некој друг кој сакал да ви наштети, на кој намерата му е да се повлечете, да не излегувате надвор, да немате социјален живот, да си ги нарушите односите со фамилијата, партнерот, пријатели, на работа, да паднете психички – немојте да дозволите, главата горе, не сте вие виновни што користите социјални мрежи, туку оние кои тоа го злоупотребуваат!“

Браво за храброста Ана, не си сама!

Погледнете ја целата исповед:

 

View this post on Instagram

 

A post shared by ???? (@troublemaker_ak)

Дали во „Јавна соба“ лежи синџир за проституција?

ПО „ЈАВНА СОБА“, СЕГА И „ГЕВГЕЛИЈАХАБ“: Порнографски клипови од жени од Гевгелија се шират по приватни пораки на Фејсбук

Фрицханд: „Јавна соба“ на Телеграм не е нешто што не можеше да се очекува

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот