ВИДЕО: Грег Попович за историја, заедно со Нелсон имаат највеќе победи во историјата на НБА

фото: EPA-EFE/ERIK S. LESSER

Тренерот на Сан Антонио спарс, Грег Попович со победата на неговите кошаркари над ЛА Лејкерс од 117:110, се израмни со Дон Нелсон како тренер со највеќе победи во историјата на НБА лигата. Ова беше негова 1335 победа по кариерата и потребен му е само уште еден триумф за да остане сам на вечната листа на тренери со највеќе победи во регуларниот дел од сезоната.

Што се однесува до победите во плеј-оф натпреварите, Попович се наоѓа на делба на третото место со 170 триумфи. Пред него се Пет Рајли кој има 171 победа и Фил Џексон кој е најдобар во оваа категорија со 229 победи.

Јубилејната победа му ја донесоа Дежонте Мареј со 26 поени и 10 скокови како и Јакоб Пелтл и Џош Ричардсон со 18 постигнати поени.

Кошаркарот на Денвер нагетс, Никола Јокиќ втора вечер по ред остварува трипл-дабл и покажа дека е главен фаворит за признаението за најдобар играч во регуларниот дел од сезоната во НБА лигата.
Јокиќ во победата на Денвер од 131:124 над Голден Стејт имаше учинок од 32 поени, 15 скокови и 13 асистенции. Ова беше 18 трипл-дабл остварување сезонава за Јокиќ, а вкупно 75 во кариерата, и сега му недостасуваат само уште четири вакви остварувања за да го престигне Вилт Чембрлен и да стане центар со највеќе трипл-дабл остварувања во историјата на НБА лигата.

– Јокиќ беше спектакуларен, тој ги прави подобри соиграчите – изјави тренерот на Голден Стејт Стив Кер,   кој смета дека Јокиќ повторно би требало да ја добие МВП наградата за регуларниот дел од сезоната.
Кај Голден Стејт кој настапи без најдобрите играчи Кари, Томпсон, Грин, Вигинс, најдобри беа Џордан Пул со 32 и дебитантот Мозес Муди со 30 постигнати поени.

Уште еден конкурент за МВП признанието, Џоел Ембид имаше одлична партија. Во победата на Филаделфија од 121:106 над Чикаго, Ембид учествуваше со 43 победи и 14 скокови. Со победата, Филаделфија се искачи на второто место на табелата во Источната конференција со скор 40-24 и има четири победи помалку од лидерот Мајами.

Далас маверикс предводен од Лука Дончиќ со 111:103 ја совлада Јута џез. Дончиќ беше најпрецизен во редовите на Далас со 35 поени и 16 скока, а добра партија прикажаа и Спенсер Динвиди со 23 и Доријан Фини-Смит со 21 постигнат поен.
Кај Јута, најдобар беше Бојан Богдановиќ со 21 поен.

Резултати:
Детроит – Атланта 113:110 (прод.)
Филаделфија – Чикаго 121:106
Мајами – Хјустон 123:106
Минесота – Портланд 124:81
Далас – Јута 111:103
Сан Антонио – ЛА Лејкерс 117:110
Денвер – Голден Стејт 131:124
Сакраменто – Њујорк 115:131

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот