Сашо Клековски дир. на фонд за Здраство / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

ВИДЕО | ФЗОМ се збогува со хартијата: Ќе се дигитализираат боледувањата, породилното, рефундацијата за лекови, ин витрото

Потврдите за пријави и одјави во задолжително здравствено осигурување, потврдата за осигурено или неосигурено лице и платен придонес, потврдата за исплатен надоместок за плата за привремена спреченост од работа се новите три електронски услуги за физички лица кои се воведени на Националниот портал за услуги uslugi.gov.mk. За правните лица на истиот портал овозможено е издавањето потврда за платен придонес за задолжително здравствено осигурување, целосно дигитално и достапно во секое време. Ова денеска на прес-конференција го соопштија директорот на Фондот за здравство Сашо Клековски и министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.

 

Според надлежните Фондот за здравство веќе се вмрежил со УЈП, со Управата за водење матични книги и со Мој Термин, за граѓаните полесно да доаѓаат до услуги. Се работи и на националното електронско сандаче кое ќе помогне граѓаните да добиваат известувања наместо во хартија, електронски поради поплаки дека хартиените известувања се губат и доцнат.

-Во ФЗОМ дигитализиравме две подрачја. Дигитализирана е нашата комуникација со сите јавни и приватни здравствени установи со кои имаме договор. Пријавите, отсуствата, менувањето адреси, регистрацијата, сето тоа е комплетно дигитализирано и неколку илјади приватни и јавни здравствени установи можат да го прават тоа со дигитални потписи. Во најголем дел ин-витрото е дигитализирано во поглед на доставувањето на ваучерите, зашто хартиените се губеа во доставата. Наскоро ќе се дигитализира и поднесувањето на барањата за ин-витро и нема да има потреба да се доаѓа во ФЗОМ. За е-рецептот на пролет имаме рок системот да е активен и да ја олесни работата на аптеките и на матичните лекари. Сакаме да направиме геомапирање на сите јавни и приватни здравствени установи со кои ФЗОМ има договор и на сите доктори што имаат факсимил со ФЗОМ како и сите здравствени услуги за кои одредена здравствена установа има договор со Фондот, рече Клековски.

Според него, ова е важно за да е јасно кои услуги се достапни.

-Голем проблем во здравството е тоа што не е јасно која установа во кој момент има прекин на одредена услуга од икс причини. Многу брзо ќе промовираме 27 дигитализирани услуги. Некои од нив се барањата за надомест и рефундација на средства. Нема да треба да се доаѓа во подрачните служби на ФЗОМ и да се поднесуваат барања за рефундација на лекови, пелени, ортопедски помагала. Барањата за лекување во странство ќе се дигитализираат и ќе се овозможи дигитално да го следиме текот на лекувањата во странство. Имаме договори со 17 земји за лекување и третман на наши граѓани. Ова го користат студенти и наши граѓани кои се на работа во странство, а осигурани во Македонија. Најмногу ќе ги израдува граѓаните што планираме комплетна дигитализација на боледувањата и надоместоците за бременост, раѓање и родителство, вклучително и породилно за татко. Планираме да ги дигитализираме сите овие, информираше првиот човек на Фондот, Клековски.

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски истакна дека се поголем број граѓани се одлучуваат да го користата електронскиот портал за услуги.

-Во 2024 година имавме 120 илјади корисници на порталот. Сега имаме над 240 илјади а бројот на услуги кои се достапни е зголемен за 120 проценти. Граѓаните сакаат да користат електронски услуги а не да чекаат редови и да аплицираат хартиено. Изводите од родени, венчани, починати и потврдата за слободна брачна состојба се целосно достапни онлајн, рече министерот Андоновски.

Директорот на ФЗОМ Клековски потенцираше дека во сегашните услуги, дигитализацијата на процесите е и со цел да се има поефикасна контрола.

-Имаме 24 милиони издадени рецепти. Нема шанса хартиено да ги исконтролираме. Дигитализацијата ќе овозможи многу позадински функции и ефикасност и за граѓаните и за институциите. Податочната поврзаност е подготовка за е-попис, истакна Клековски.

За проблемот за неоправдано користење на здравственото осигурување, формирана е работна група од претставници на ФЗОМ, Министерствата за здравство и финансии и со МВР, за да се исклучат злоупотребите преку вкрстување на базите на податоци од секоја од овие институции.

-Наскоро поради вкрстената проверка со МВР, ќе предложиме измени на правилата за боледување и нивна консолидација за да се спречат злоупотреби, рече Клековски. 

Запрашан дали некои од директорите што неосновано си земале повисоки плати и надоместоци што беше констатирано со претходна проверка на Фондот, вратиле пари, директорот на ФЗОМ одговори негативно.

-Нема поврат. Ова е уште една прилика да потенцираме дека дисциплината и почитувањето на законите во колективните договори и надоместоците мора да постои. На повторените контроли ќе има казни. Работиме на дигитализацијата на контролата на ФЗОМ. Сакаме да воспоставиме критериуми каде честите казни ќе водат кон последици на односот со установата. Во јавните здравствени установи казните се симболични и не дејствуваат едукативно. Највисоката казна за јавно-здравствена установа е 75 илјади денари, а имаат милионски буџети. Безначајна е. Сакаме систем каде тие што не ги кршат правилата и регулативите ќе бидат наградени и поттикнати, рече Клековски.

Тој најави и дека покачувањето на платите во здравството во март ќе биде процентуално.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот