ВИДЕО+ФОТО | Заев: Да ја зграпчиме оваа шанса и да ја искористиме за доброто на сите граѓани

Посебен акцент премиерот Заев стави на новата динамика во процесот на пристапување на земјите од Западен  Балкан во ЕУ, особено по мартовскиот Европски совет со обновената преговарачка методологија и одлуките за започнување преговори со Северна Македонија и Албанија, и Загрепскиот самит во мај, како и со пакетот за проширување од Европската комисија оваа есен и со сериозниот Економски и инвестициски план.

Заев додаде дека заедно со напорите на Германското претседателство со Европскиот совет, таа динамика е извонредна можност регионот на Западен Балкан сигурно да напредува кон ЕУ.

„Верувам дека имаме обновен импулс и очигледна политичка поддршка за процесот на проширување и за спроведување на пристапните преговори. Треба да ја зграпчиме оваа шанса и да ја искористиме за доброто на сите граѓани“, истакна премиерот Заев.

Со најавените дури 9 милијарди евра за грантови, надополнети од новиот Инструмент за гаранции за Западен Балкан, со кој треба да се зголемат инвестициите до 20 милијарди евра, ЕУ исто така храбро ја потврди својата поддршка на Западен Балкан, рече премиерот Заев и додаде дека овој пакет ќе обезбеди голема финансиска поддршка за нашите реформски процеси и за економска трансформација на Регионот.

Премиерот на Бугарија Бојко Борисов/ Фото: Влада

-Многу сум задоволен дека денеска ќе имаме можност да дискутираме за клучните стратешки насоки за нашиот регион, за визијата за заедничкиот регионален пазар и за Зелената агенда за Западен Балкан. Поддршката за двете иницијативи преку декларациите на лидерите од Западен Балкан треба да го поттикнат развојот во регионот, но исто така и да се осврнат на некои од актуелните еколошки и здравствени предизвици, со огромен потенцијал за раст и креирање на нови работни места- нагласи Заев.

Премиерот Заев во своето обраќање на почетокот на лидерскиот Самит за Западен Балкан во Софија рече дека основите за економската, социјалната и зелената трансформација на нашиот регион за наредите години се цврсто утврдени, и дека регионот исто така ја покажа својата зрелост и отпорност за време на оваа пандемија.

-Пандемијата уште повеќе го обедини Западниот Балкан во борбата против овој невидлив непријател, донесувајќи толеранција и соработка и создавајќи заедничка свесност дека хуманоста има предност пред политиката- истакна премиерот Заев.

Заев додаде дека за време на заедничкото ко-домаќинство со Берлинскиот процес оваа година дополнителен поттик добија и неколку други процеси како што е регионалниот договор за патување со лична карта, проширувањето на зелените ленти на Западен Балкан кон коридорите на ЕУ и јакнењето на соработката на полето на здравството како регионален одговор на пандемијата, како и соработка со граѓанското општество, особено на прашањата поврзани со младите.

-Убеден сум дека со постигнатите резултати во текот на оваа година успеавме да ја збогатиме регионалната соработка и да го приближиме регионот кон ЕУ- нагласи претседателот на Владата на Северна Македонија Заев кој денеска, заедно со премиерот на Бугарија Борисов, ја поздравија работата на лидерскиот Самит за Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес.

Покрај премиерот Бојко Борисов на отворањето на работата на лидерскиот Самит за Западен Балкан во Софија се обратија и канцеларката на СР Германија Ангела Меркел, Претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен.

Претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен/ Фото: Влада

Македонската делегација на Самитот ја предводи претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, придружуван од заменикот на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, заменикот на претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров, и министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот