ВИДЕО | Емилија Спасовска Мојсовска, нутриционистка: Кај нутриционист не се оди само кога имате проблем со вишокот килограми

Емилија Спасовска Мојсовска - нутриционист / Фото: „Слободен печат“ - Драган Митрески

За здравиот начин на исхрана, влијанието на храната врз човековото здравје, сите придобивки и штетни влијанија на храната, во „Утрински печат“ зборувавме со нутриционистката м-р Емилија Спасовска Мојсовска.

„Нутриционизмот претставува мултидисциплинарна наука, која што е поврзана со биологијата, хемијата, анатомијата, физиологијата и сѐ останото поврзано со човековото здравје. Затоа луѓето не треба да се обратат на нутриционист само кога имаат проблем со вишокот килограми, улогата на нутриционистот е многу одговорна и поврзана со анатомијата, физиологијата и психата на луѓето“, го објаснува значењето на нутриционизмот Емилија.

Кога се посетува нутриционист, зборот „диета“ под итно треба да се замени со терминот „режим на исхрана“, вели Емилија. Таа во разговорот истакна дека нутриционистот дава совети за режим на исхрана подготвен и адекватен за секоја индивидуа, според возраста, полот, физичката активност, начин работа и моменталната здравствена состојба.

„Диетите можат сериозно да го нарушат здравјето на луѓето, диетата подразбира рестрикција на многу корисни елементи во храната, а режимот на исхрана кога е под надзор на нутриционист може да помогне, да превенира многу состојби на организмот. За да се појде кај нутриционист, потребна е, пред сѐ, одлука, потоа треба да се даде вистинска слика за своите навики, колку и тие да се погрешни, и секако крвна слика, преку која ги гледам сите параметри, врз основа на што јас ќе направам анамнеза и ќе составам режим соодветен на индивидуата. Според полот, возраста, начинот на живот, дали индивидуата е во менопауза, перименопауза или репродуктивна фаза, потребно е да се внесат протеини, јаглехидрати и незаситени масти кои што се многу потребни на организмот. Секако потребен е внес на витамини, минерали и потребна е водата. Во поглед на количината на сите овие елементи, ќе кажам дека е индивиудално кај секој и зависи од многу аспекти, стресот, физичката активност. Она што е најважно е дека сите овие елементи треба да се внесуваат секој ден“, вели Емилија.

„Ние дехидрираме и во зима, јас кога ќе почувствувам дека сум жедна, веќе сум дехидрирана. Една чаша во текот на денот, е многу малку, тоа е чекор кон болест, бидејќи на еден ‘рбетен столб му е потребно минимум еден литар вода дневно. Во текот на денот во нашиот организам се случуваат многу биохемиски процеси, тоа е една машинерија која непречено работи, затоа ако не ѝ ги внесеме потребните елементи, тоа води кон болест“, објасни Емилија за потребата од консумирање на вода во текот на денот.

Емилија зборуваше и за здравствените придобивки од симнувањето на вишокот килограми, со што, пред сѐ, спречуваме хронично незаразни заболувања, односно превенираме појава на некое заболување.

„Сум помогнала на луѓе кои имале низа здравствени проблеми, како што е дијабетес, висок крвен притисок, зголемени липидни едници како холестерол и триглицериди, како и канцерогени заболувања. Сум помогнала и на луѓе коишто имаат проблем со хормонален дисбаланс, односно прблеми со тироидната жлезда, каде е потребно да се избегне глутенот, правиме внес на намирници кои ќе ја подобрат функцијата и ќе ја подобрат општата состојба на самиот организам. Тука се луѓето кои имале проблем да зачнат, не верувале дека е можно, па сепак пред да започнат со „ин витро“ процедура, имале позитивен тест за бременост и сега имаат потомства“, зборуваше Емилија за здравствените придобивки од здравиот начин на исхрана и следење на режим од нутриционист.

Повеќе од разговорот со Емилија Спасовска Мојсовска, можете да погледнете во продолжение:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот