ВИДЕО | Дувњак: „Невидливите“ раце на политиката сѐ уште успеваат да се вмешаат во судските одлуки

И покрај тоа што на прв поглед станува збор за две идентични ситуации во суштина се многу различни. Во случајот со Рашковски, предметот е во фаза на истрага и допрва ќе треба да се утврдува неговата вина и дали има елементи и сомнежи за отворање постапка, додека кај поранешниот прв човек на тајната полиција, Сашо Мијалков, имаме две неправосилни пресуди кои што заедно се 20 години затвор и исто така неколку судски процеси кои се во тек, каде што Мијалков е еден од обвинетите. Во суштина јас сум против мерката притвор, бидејќи сама по себе, мерката притвор не треба да биде казна како што се доживува, туку мерка за обезбедување на присуство, но она што боде очи и е генералната перцепција и на луѓето и на новинарите и стручната јавност, е тоа дека во притвор остануваат оние што немаат влијание и немаат пари, додека високи функционери во релативно кус период одат во куќен притвор. Така што кога го слушнав јас извештајот за бегството на Мијалков и тоа што обвинителството не утврди кривична одговорност, во врска со бегството кое се случи од 21 до 23 февруари оваа година, ми беше многу јасно дека следниот кој ќе излезе од притвор и дека ќе му се досуди поблага мерка ќе биде Мијалков и во очекување сум во догледен период и за Орце Камчев да се случи истото. Она што е неприфативо за државата е тоа што ние од 2015 година имаме и Пробациска служба, која што требаше да го воведе на голема врата електронскиот надзор на притворениците и затворениците, но тоа не се случи и не функционира, изјави во Утрински брифинг одговорниот уредник на Фокус, новинарката Гордана Дувњак.

„Во објаснувањето на хронологијата што се се случило има чудни формулации. Главниот заклучок е дека нема кривична одговорност со бегството, дека констатирани се слабости во комуникацијата помеѓу институциите, но немало кривично-правни импликации. Некако се ова ме потсеќа на Извештајот за бегството на Груевски и институциите само си ја префрлаат вината и на крајот никој не е е виновен. Чудно е што во моментот пред да дојде полицијата и да му го врачи решението за притвор на Мијалков, неговиот телефон е одеднаш угаснат, не бил забележан дека го напушта домот. Сите овие работи ќе бидат нотирани во извештаите од ЕУ и Стејт департментот, исто како што ќе бидат нотирани и изборите на членовите на Судскиот совет. Една е нашата декларативна желба за реформи во судството за дигитализација на судските сали, но на крај на денот се зависи од човечкиот фактор. Сега за сега и покрај тоа што за волја на вистината има некакви придвижувања, се уште невидливите раце на политиката успеваат да се вмешаат во судските одлуки и да се направи еден политички притисок за да се издејствуаат некои одлуки и покрај тоа што секогаш политиката тврди дека нема влијание врз судската власт, вели Дувњак.

Судско-медиумскиот Совет е една од светлите точки кој беше нотиран и во последниот извештај за напредокот кон ЕУ. Тоа е по многу нешта уникум во праксата на Балканот и пошироко во Европа, бидејќи нашиот Совет се темели на добрите практики на судот во Масачусетс.

Целиот разговор погледнете го во видеото:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот