ВИДЕО | Дуке Бојаџиев се врати во Македонија, по 27 години живеење низ светот
По 27 години живеење низ светот, познатиот музичар Дуке Бојаџиев рече дека се вратил дома, во Македонија.
Препорачано
„Јас сум Дуке Бојаџиев. Пред околу два месеци се вратив во Македонија по речиси 27 години живеење низ светот: Америка, Франција, Шпанија, Португалија.
Тука затекнав едно ново Скопје. Иако доаѓам низ годините, друго е кога доаѓаш на гости, на посета, а друго е кога остануваш малку подолго. И забележав една работа што никаде досега, каде што сум бил низ светот, не сум ја видел, а тоа е колку е валкан градот, односно колку не се води грижа за чистотата на градот, за хигиената во градот.
Така што, сакам во оваа прилика сите да ве поканам на еден ‘Генералка викенд’ на 8, 9 и 10 мај, каде што сите ќе дадеме придонес и воедно ќе дадеме пример на нашите деца и идните генерации како треба да се чисти и одржува нашиот град“, рече музичарот на инстаграм-страницата „Генералка викенд“, организацијата која спроведува доброволно чистење во мај во Скопје, и додаде:
„Скопје е градот во којшто пораснав и во моето детство беше сосема поинаква сликата. Бевме дел од Југославија, имаше комплетно друг наратив, друга култура, друго сè. Светот беше поинаков.
Во меѓувреме, и светот се смени доста. Ние сме самостојни овие 30 и кусур години. Оваа работа е нешто што мораме едноставно да го ставиме како дел од генетиката, дека своето треба да се сака, почитува и да се одржува чисто. А тоа единствен начин може да се направи со давање на добар пример, и заради себе, и заради своите најблиски, заради своите деца и заради идните генерации“, рече музичарот.
Инаку, „Генералка викенд“ е пролетна акција за чистење и селектирање отпад.
„Секој втор викенд во период од десет години, почнувајќи од 2021 до 2031 година (од 30-ти до 40-тиот роденден на нашата земја), ја чистиме нашата земја од отпадот на минатото и ја рециклираме во зелена иднина за нас и за генерациите кои доаѓаат“, велат од иницијативата.


