Д-р Никола Пановски граници
Фото: Архива на „Слободен печат“

ВИДЕО | Д-р Пановски предлага затворање на границите и забрана на свадби во затворен простор за да се забави ширењето на делта-сојот

Според микробиологот д-р Никола Пановски, за да се забави ширењето на делта-сојот не смее да има свадби во затворен простор, а потребни се и рестриктивни мерки на границите.

– Треба да има контрола на границите со земјите во кои тој доминира. И на аеродром и на границите. Треба да се размисли и за нашите луѓе што одат масовно во Грција. Меѓутоа, особено за иселениците кои понатаму во домовите, во затворен простор, овој вирус уште побрзо ќе го прошират. Треба да се повлече одлуката за одржување на свадби, барем во затворен простор, бидејќи иселениците доаѓаат баш на тие места. Исто така, да се прекинат какви било прослави во затворен простор. Тоа е минимум што би требало да се направи, изјави д-р Пановски за ТВ Телма.

На прашањето дали може со некакво повлекување на тоа што е „опуштено“ да се забави ширењето на делта-сојот, бидејќи научно е докажано дека тој се шири и на отворен простор, д-р Пановски смета дека засега треба да се фокусираме на ширењето на вирусот во затворените простори, но и на контролата на границите.

– Ако се прави нешто постапно, да се направи таму каде што се пренесува 20 пати полесно, а тоа се затворените простори. Секако дека се пренесува и на отворено, меѓутоа ако се спречи неговото влегување, тогаш ќе може и да се контролира. Но, доколку имаме 100 случаи на ден, тешко дека ќе можеме епидемиолошки да ги следиме контактите. Така што, ова е минимум што можеме да направиме. Од Комисијата се надеваат дека можеби поради тоа што 70 отсто од населението веќе има имунитет бидејќи биле во контакт со вирусот, со оригиналниот и британскиот сој, па тој процент ќе спречи брзо ширење на делта-сојот. Но, тоа повеќе е надеж, отколку тврдење и не смееме да се потпреме само на тоа, вели д-р Пановски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот