ВИДЕО: Чадот од запалени кабли на Вардариште го труе половина Скопје

Депонијата Вардариште го труе Скопје/ Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Кабли се палат под отворено небо за да се дојде до бакарна жица, што е еден од највносните бизниси во дивото селектирање отпад. Од горењето се создава темносив чад, исклучително токсичен и животозагрозувачки ако директно се вдишува. Каблите најчесто се украдени, но полицијата речиси никогаш не реагира на Вардариште.

За четириесеттемина што живеат на улица „Зенден Џемаил“ број 76, тоа беше само уште еден од вообичаените денови во некогашната градска депонија Вардариште.

Импровизираното живеалиште, изградено од штици, тули и најлони, ни оддалеку не може да биде дом за толку луѓе, но за државата сите овие нејзини жители се водат на оваа адреса. Поштарот неуморно доставува сметки, писма, судски покани, опомени, тужби…

– Луѓето се коректни кон мене, никогаш со нив не сум имал проблеми, уредно им ја доставувам поштата – вели поштарот во чиј реон спаѓа и дивата населба сместена на работ на Вардариште.

Куќите среде ѓубрето се дом на повеќе семејства со деца, а најголем дел од нив се издржуваат токму од собирање отпад. Еден од влезовите во Вардариште поминува точно покрај оваа населба и секогаш има по неколку пара очи, кои будно следат кој влегува на депонијата и што носи со себе.

Сведоштвата од Дифтар маало

Некогашната скопска депонија Вардариште се наоѓа од левата страна на Вардар, во близина на населбата Маџари и се протега на 42 хектари. Била во функција од 1976 до 1996 година, кога под притисок на жителите на Аеродром, кои тогаш се жалеле на ужасна и неподнослива смрдеа што им доаѓаше од преку реката, била конечно затворена.

За жал, со нејзиното затворање не завршија еколошките проблеми на жителите на Скопската Котлина, предизвикани од Вардариште. Напротив, од таа локација и натаму континуирано се загадува со нелегално горење отпад, а неколку научни студии сведочат и за загадувањето на подземните води предизвикано од натрупаниот отпад.

Дива населба на самата депонија Вардариште/ Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

Жителите на околните населби, на пример од Дифтар маало, раскажуваат дека на Вардариште постојано се истура секаков отпад. Локалните босови им наплаќаат тарифа на камионите со градежен шут, расипана храна, отпадна пластика, земја од ископ за да „си завршат работа“. Исто како што си има своја цена и бакарот од изгорените кабли, кои се „преработуваат“ под ведро небо, односно се горат некаде на широкиот простор на депонијата, а потоа се продаваат по отпади. Неканетите гости се недобредојдени. Чадот од запалените кабли, носен од ветерот, преку Вардар, ги труе жителите на Аеродром, Ново Лисиче, Лисиче, Маџари…

– Од каде ви се кабливе? – прашуваме двајца помлади мажи, кои со неколку дечиња нѐ одминуваат качени на запрежна кола, претоварена со изгорени кабли.

Нивните лица се исцрнети, како да седеле над отворен оган. Иако беа видливо нерасположени да одговорат, како и да бидат сликани и снимани, ни рекоа дека „ги нашле“ случајно на депонијата.

Се поставуваат цевки за колекторот

– Вообичаено, поголеми количества кабел се носат некаде на депонијата и се оставаат запалени да горат, а сабајлето доаѓаат и си ја собираат жицата – вели Дејан Димитровски, советник во Општина Гази Баба и еден од иницијаторите на минатогодишните протести на локалното население, на кои се бараше затворање на депонијата.

Поставени цевки од колекторот/ Фото: Драган Митрески

Тој додава дека палењето кабли за да се дојде до бакарната жица, која е прекриена со пластика, е еден од највносните бизниси во дивото селектирање на отпадот во градот.

– Пронаоѓаме остатоци од изгорен пластичен материјал и друг отпад на повеќе црни кругови, на кои претходно биле горени кабли – вели Димитровски.

Кога ќе се запалат, овие кабли бргу горат, но произведуваат густ, темносив и тежок чад,  исклучително токсичен и животозагрозувачки доколку директно се вдишува. Еден килограм бакар добиен на таков начин на црниот пазар чини помеѓу 200 и 300 денари, а една тајфа диви „рециклирачи“ на каблите може да заработи околу 3.000 денари на ден. Каблите најчесто се украдени, но полицијата речиси никогаш не известила за нејзина акција на Вардариште.

Се горат кабли заради бакарните жици/ Фото: Слободен печат/Драган Митрески

На депонијата, сега затрупана и со градежен шут и огромни искршени бетонски блокови, кои потекнуваат од уривањето на скопското Сајмиште, во тек се градежни работи заради поставување цевки за колекторот на отпадните води на Град Скопје. По речиси едногодишен застој, низ ѓубрето на Вардариште повторно се копаат ровови за овој инфраструктурен зафат, финансиран од Европската Унија. Но освен градежните машини, низ депонијата слободно се движат и други возила, а големината на просторот овозможува тие главно незабележано да си „завршат работа“.

Не вреди да се ставаат чувари, ќе ги поткупат

„Баравме од Град Скопје да ја огради депонијата, да постави бариери на приодните патишта, да стави чуварска служба, некаков мониторинг, но бевме одбиени со образложение дека нема пари. Дури ни беше кажано дека не вреди да ставаат чувари, бидејќи тие лесно можат да бидат поткупени за да не си ја работат својата работа “, велат локалните жители.

Се продава ли млекото од кравите што пасат на депонијата?

Неколку десетици метри подалеку, среде ѓубрето, затекнавме стадо со педесетина крави и стотина овци.

Крави пасат на депонијата/ Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Информацијата што ја имавме дека на отпадот се напасува стока, се покажа точна. Но кога го погледнавме сопственикот на стоката што пасе на депонијата, тој прекина со молзењето на животните и тргна накај нас. Бидејќи претходно бевме предупредени дека е агресивен и непријателски расположен кон неканетите гости, не му се приближивме да разговараме. Така остана неодговорено прашањето – дали го продава млекото од своите крави и овци?

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот