ВИДЕО | Били Ајдол за зависноста од дрога: „За малку ќе умрев, морав да го сменам животот поради моите деца“
Британскиот музичар Били Ајдол се осврна на својот екстремен начин на живот во пресрет на премиерата на неговиот документарец „Били Ајдол би требало да е мртов“ (Billy Idol Should Be Dead). Во разговор за медиумите, рок-ѕвездата призна дека за малку ќе починел од предозирање со дрога по излегувањето на неговиот хит-албум „Rebel Yell“, пишува „Мирор“.
Препорачано
Филмот прикажува како Ајдол успеал да преживее децении исполнети со претерување, зависност од дроги и сериозни несреќи кои можеле да завршат фатално. Седумдесетгодишниот музичар признава дека живеел типичен екстремен рокенрол живот и откри дека за малку ќе умрел од предозирање со хероин само неколку дена пред настапот во култната британска емисија „Најдоброто во музиката“ (Top of the Pops) во 1984 година, веднаш по успехот на албумот „Rebel Yell“.
„Се предозирав и за малку ќе умрев. Во март 1981 година заминав во Америка, а во Велика Британија се вратив како триумфатор во 1984 година, по успехот на ‘Rebel Yell’. Требаше да настапам во ‘Најдоброто во музиката’. За малку ќе уништев сè, а никој не знаеше“, изјави тој.
Музичарот раскажува дека по враќањето во Лондон се сретнал со пријатели кои имале многу силен хероин.
„Сите повлекоа линија и речиси сите се ‘изгасија’, освен мене и еден пријател. Ние повлековме уште неколку. Практично умирав. Станував син. Потоа ме ставија под ледена вода и ме шетаа по покривот на зградата“, откри Ајдол.

Неговиот живот со години бил обележан со зависност од хероин, марихуана, опиум и алкохол, како и со опсесија со сексот. Зависноста започнала откако се преселил во Њујорк, каде што пристигнал со речиси ништо – само душек, неколку чаршафи и гитара – но набрзо почнал да гради име во музичката индустрија.
„Издавачката куќа ми даваше пари, а јас купував марихуана и слаб хероин. Одев по клубови и таму се запознав со хероинот. Станав зависник без да сфатам колку е опасна дрогата“, рече тој.
И покрај интервенцијата на неговиот татко и преселбата во Лос Анџелес, Ајдол со години периодично се враќал на старите навики. Дури во 1994 година, кога изгубил свест пред еден клуб поради предозирање, решил целосно да го промени својот живот – пред сè поради своите деца.
Денес, откако се ослободил од зависностите и сè уште е активен на музичката сцена, Ајдол вели дека е сосема поинаков човек. Тој е татко на синот Вилем (37), кој го има со поранешната сопруга Пери Листер, и на ќерката Бони (36), која ја добил со поранешната партнерка Линда Матис.
Во последниве години се зближил и со својот 40-годишен син Брант – дете зачнато за време на турнејата „Rebel Yell“ во 1985 година. За неговото постоење дознал дури во 2023 година, кога неговата ќерка направила ДНК-тест и открила дека има полубрат за кого никогаш претходно не знаела.
ФОТО | Били Ајдол доби ѕвезда на Булеварот на славните во Холивуд


