ВИДЕО: Бајден пристигна на Флорида, вети помош од 612 милиони долари за настраданите од „Милтон“
Американскиот претседател, Џо Бајден, денеска отпатува за Флорида за да ги согледа штетите од ураганот Милтон, второто екстремно невреме што ја погоди американската сојузна држава во последните неколку недели. Зголемените поплави, недостигот на гориво и прекинот на електричната енергија во многу места го отежнуваат расчистувањето на теренот.
Препорачано
Во ударот на ураганот „Милтон“ загинаа најмалку 17 луѓе, а струја и гориво сè уште нема во многу области, јавуваат медиумите.
Бајден утринава слета во Тампа и појде во обиколка на погодените области на пат за Сент Питерсбург, каде беше информиран за ситуацијата од федералните, државните и локалните власти на плажата Сент Пит. Тој најави дополнителна државна помош од 612 милиони долари за најпогодените области.
Градоначалниците на Тампа и Сент Питерсбург, заедно со другите локални претставници, го поздравија Бајден, кој исто така ќе се сретне со службите за итни случаи и локалните жители, пред да се обрати до јавноста.
Иако „Милтон“ не беше толку деструктивен колку што првично предвидуваа надлежните, тој предизвика огромна штета – аналитичарите проценија дека осигурените загуби се меѓу 30 и 60 милијарди долари.
Администрацијата на Бајден одобри федерална помош за да им помогне на жителите и локалните власти да ги покријат трошоците, но рече дека на Федералната агенција за управување со вонредни состојби ќе и треба дополнително финансирање од американскиот Конгрес.


