ВИДЕО | Андоновиќ: Западот целосно ја смени реториката: Сега сите бараат повеќе оружје за Украина
Како што се доближува годишнината од почетокот на руската воена инвазија врз Украина, така се засилуваат борбите долж линијата на 1200 километарскиот фронт помеѓу руската и украинската армија.
Препорачано
Борбите за заземање на стратешки важниот град Бахмут траат, а според извештаите и покрај руското воено напредување, сепак украинските војници кои се добро вкопани на одбранбените позиции, не дозволуваат целосно заземање на градот.
Битката за Бахмут веќе однесе многу животи и се смета дека е клучна, пред се на политички план, со цел, како што многумина тврдат, неговото освојување да заземе важно место во долгоочекуваниот говор на Путин во одбележувањето на првата годишнина од руско-украинската војна.
Од друга страна има и такви кои тврдат дека Русите нема да го освојат Бахмут во претстојните 4 дена пред годишнината, но сепак, како што наведуваат Русија ќе изјави дека го заробила Бахмут на годишнината од почетокот на војната, без оглед на фактите на теренот. Од друга страна за прв пат украинскиот претседател Зеленски ретерираше во својата тврда реторика, дека Украина ќе го брани тој град, но не по секоја цена.
Околу 70.000 луѓе живееле во Бахмут пред војната, а украинските власти проценуваат дека во градот останале помалку од 5.000 цивили по неколкумесечна руска опсада и страшно уништување.
Во пресрет на годишнината од избувнувањето на руско-украинскиот конфликт, францускиот претседател Емануел Макрон и неговиот колега украинскиот претседател Володимир Зеленски во неделата телефонски разговарале за можниот мировен план и актуелната ситуација на теренот, соопшти Елисејската палата.
Тема на разговорите меѓу двајцата лидери била Минхенската безбедносна конференција, на која лидерите на западните земји се обврзаа да ја зајакнат поддршката за Украина во борбата против руските сили.
Зеленски му се заблагодарил на францускиот претседател, но му укажал дека „губи време обидувајќи се да поттикне дијалог со Русија“.
Макрон повтори дека е за дополнителна поддршка од НАТО за Украина и му ја потврди поддршката на Зеленски за неговиот мировен предлог од 10 точки.
Во денешното интервју за францускиот неделник „Журнал де Диманш“, Макрон рече дека додека Франција сака Русија да биде поразена во Украина, Париз „не сака Русија да биде уништена“.
Она што може да се забележи како промена во намерите на западната политика е здружениот апел за доставување на што повеќе оружје за потребите на Украина во одбрана од руската агресија.
Можеби највоздржаните западни политичари, како што се францускиот претседател Еамнуел Макрон и германскиот канцалар Олаф Шолц, започнаа јавно да повикуваат да се испрати артилерија, проектили, тенкови па дури и борбени авиони во Украина.
За потсетување, и Шолц и Макрон во првите месеци на војната, се обидуваа да посредуваат кај рускиот претседател Путин, за прекин на воените дејствија.
Шолц и Макрон беа единствените западни политичари кои, откако започна руската ворена агресија ја посетија Москва на средба со Путин.
Позната е изјавата на Макрон која отстапуваше од западната политика, ако која се однесуваше на тоа дека на Русија треба да и се дозволи достоинствено да излезе од овој конфликт, односно, Украина да се согласи за одредени територијални одстапки.
Што се однесува до Германија и канцеларот Шолц, по првичното одбивање да и се испорачува германско оружје на Украина, и согласноста за испорка само на германски воени шлемови, до противењето на испорката на германските тенквои Леопард, Берлин сега повикува сите западни сојузници да испраќаат што повеќе оклопно и оружје со долг дострел.
Дали оваа сменета реторика е резултат на лошата состојба на фронтот, или можеби западот одлучил конечно и отворено да ја порази Русија во Украина?


