ВИДЕО | Андоновиќ: Дали Израел сепак ќе му се одмaзди на Иран?

Анализа со Андоновиќ / Фото Слободен печат

Во воениот кабинет на Бенјамин Нетанјаху, наводно, започнала жестока дебата за тоа како да се одговори на нападот на Техеран. Се чини дека има несогласување меѓу членовите околу брзината и обемот на одговорот, при што сите се решени да возвратат, но не се согласуваат за деталите.

Меѓу опциите што се разгледуваат е напад врз ирански објект, што би испратило силна порака, но би избегнало жртви, изјави израелски официјален претставник

Израелски воени извори за западните медиуми открива дека Израел ги одложува своите планови за обновување на копнената офанзива во Рафах, откако беше подложен на невиден ирански ракетен напад во текот на викендот.

Воздухопловните сили на еврејската држава требаше да почнат да фрлаат летоци на делови од најјужниот град Газа, но овие планови се ставени на мирување, објави Си-Ен-Ен, повикувајќи се на израелски извори.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху им наредил на израелските одбранбени сили да презентираат опции за цели во Иран како одговор на неодамнешниот ирански напад.

Нападите треба да „испратат сигнал“ до Иран, но не и да предизвикаат жртви, а опциите може да вклучуваат цели во Техеран или сајбер напад, наведува Вашингтон пост.

– Воениот кабинет на Израел во понеделникот разговараше за тоа како да одговори на иранскиот воздушен напад без преседан … Нетанјаху побара од израелската армија да ги претстави опциите за нападот. Израел бара опции кои ќе „испратат сигнал“ без да предизвикаат жртви. Ваквите опции вклучуваат можен напад врз објект во Техеран или сајбер напад, пишува Вашингтон пост.

Истовремено, додава американскиот весник, Израел размислува за ваков одговор на иранскиот напад за да не ги налути меѓународните сојузници и да не ја изгуби можноста да изгради сојуз на држави против Техеран.

– Нашите сојузници не сакаат претерано да реагираме. Сакаме да работиме со нив, особено по успехот што го постигнавме. Не треба да предизвикуваме жртви, но важно е да се одговори бидејќи тоа испраќа порака до сите што сакаат да ни наштетат – изјавил извор запознаен со дискусиите во воениот кабинет, пренесоа западните медиуми.

И покрај вчера јавно презентираниот став на американскиот претседател Бајден дека не ја поддржува евентуалната израелска одмаздничка акција против Иран, сепак, американските власти соопштија дека очекуваат евентуалниот израелски одговор на иранскиот напад да биде ограничен по обем и веројатно да вклучи напади против иранските воени сили и иранските сојузници надвор од Иран, изјавија американски претставници за NBC News.

Проценката се заснова на разговори меѓу американски и израелски официјални лица кои се случиле пред Иран да истрела повеќе од 300 беспилотни летала и проектили врз Израел во саботата навечер. Додека Израел се подготвуваше за можен ирански напад минатата недела, израелските власти ги информираа американските власти за можните опции за одговор, изјавија американските власти.

Американските власти нагласија дека не биле информирани за конечната одлука на Израел за тоа како да одговори и дека опциите може да се сменат по нападот викендов. Тие исто така рекоа дека не е јасно кога ќе се случи одговорот на Израел, но дека тоа може да се случи во секое време. Претседателот Џо Бајден и другите западни високи претставници повикаа на воздржаност откако Израел вети дека ќе одговори на иранскиот напад во саботата, кој беше одмазда за израелскиот напад на иранскиот конзулат во Сирија на 1 април, во кој беа убиени двајца високи генерали на иранската армија.

„Бидејќи иранскиот напад не резултираше со жртви меѓу Израелците или со масовно уништување, американските официјални лица, сметаат дека Израел може да одговори со една од своите помалку агресивни опции – напади надвор од Иран.

Опциите би можеле да вклучуваат напади во Сирија, изјавија американски претставници кои не очекуваат дека одговорот ќе биде насочен кон високи ирански функционери, туку наместо тоа, ќе ги нападнат магацините со оружје што се испраќаат од Иран до Хезболах во Либан.

САД немаат намера да се вклучат во воен одговор, додаваат официјалните лица. Тие очекуваат Израел однапред да сподели информации за акциите со Вашингтон, особено ако тоа може да има негативни последици за Американците во регионот.

Израелски официјален претставник во понеделникот по состанокот на израелскиот воен кабинет изјави дека израелскиот одговор на иранскиот напад би можел да биде „неминовен“, истакнувајќи дека носителите на одлуки веруваат дека е важно секој одговор да биде во форма на контра-напад. Израелски официјален претставник изјави дека на состанокот биле разговарани за неколку дипломатски и за воени опции.

САД и другите сојузници му помогнаа на Израел за време на нападот, помагајќи да се пресретнат повеќето беспилотни летала и проектили испукани на земја. Но, во телефонски разговор во саботата, претседателот Џо Бајден му порача на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека САД нема да учествуваат во офанзивните операции против Иран.

ОН велат дека го осудуваат нападот на Иран, истовремено предупредувајќи на натамошна ескалација во регионот. „Ги повикувам сите страни да покажат максимална воздржаност за да се избегне каква било акција што може да доведе до големи воени конфликти на повеќе фронтови на Блискиот исток“, рече генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш на состанокот на Советот за безбедност во неделата. Гилад Ердан, претставник на Израел во ОН, на состанокот изјави дека Израел „го задржува законското право да возврати“.

Во соопштението од Министерството за надворешни работи, Иран изјави дека нападите биле изведени „со цел да го искористи своето вродено право на самоодбрана“. Во соопштението се вели дека Иран „нема да се двоуми да преземе дополнителни неопходни одбранбени мерки“ за да ги заштити своите легитимни интереси од каков било акт на воена агресија или незаконска употреба на сила.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот