ВИДЕО: Анастасија од „Кој е следен“ до пратениците: Си седите на телефони, си шушкате, покажавте нула заинтересираност
На денешната седница на Анкетната комисија за пожарот во Кочани, пред пратениците се обрати Анастасија Павловска од граѓанската иницијатива „Кој е следен“.
Препорачано
Таа изрази недоверба во искреноста на мотивите кај пратениците и претставниците на власта за организирање на Анкетната комисија и оцени дека таа е „само некоја процедура да се замачкаат очите“.
„Јас само ќе се фокусирам на едно специфично барање коешто навистина е битно, особено мене како млада личност во оваа држава. Оваа страна покажа нула заинтересираност за целата дискусија којашто се одвиваше односно ве гледам дека си седите на вашите мобилни телефони, си шушкате меѓусебно. Веднаш кога се прибраа членовите на медиумите, голем дел и си заминаа“, рече Павловска.
„Како мислите дека мене како млад човек во државава, првпат сум во Собраниево, каква слика ми создава? Дека вие ќе можете да соработувате заедно и вистински да се изборите за правда за овие луѓе тука коишто собрале храброст да дојдат да се обратат? Дали навистина сметате дека јас после денеска ќе искочам оттука и ќе речам, „Да, видов дека соработуваат пратеничките групи, гледаме дека навистина покажаа емпатија и навистина им е битно што имаа да кажат овие родители”? Не, мене тука ми дејствува дека, ми личи дека сѐ е само некоја процедура да се замачкаат очите, дека еве конечно ви дадовме анкетната комисија којашто ја баравте. Значи, навистина е многу разочарувачки. Од прееска ве следам сите индивидуално да видам низ каква емоција поминувате, посебно кога се обратија двете мајки од Кочани. Значи, навистина е засрамувачки ова однесување. Ве молам пишете им на сите ваши колеги да се вратат назад во оваа сала. Ви благодарам“, рече Павловска од говорницата.


