ВИДЕО: Американците шокирани, полицаец убил лице со попреченост во Аризона
Полицаец од американскиот град Тусон во Аризона убил човек во инвалидска количка пукајќи во него девет пати, а полициското одделение веднаш му подготвило отказ, пренесува Њујорк Тајмс.
Ричард Ли Ричардс (61) во понеделникот вечерта бил во својата моторизирана инвалидска количка и се движел кон влезот на супермаркетот „Лус“ во Тусон, кога зад него се појавил полицаец со репетиран пиштол.
Неколку моменти подоцна, вработен во Волмарт, кој дели простор со маркетот Лус, го предупредил полицаецот дека видел како Ричардс го напуштил маркетот со кутија со алати, но дека не платил за нив, соопшти полицијата.
Вработените и полицаецот Рајан Ремингтон го следеле Ричардс низ паркингот кон. Ричардс во еден момент замавнал со нож кон вработениот, додала полицијата.
Не влегувајте во продавницата, господине, извикал Ремингтон додека Ричардс се движел кон маркетот Лус, а во тој момент пристигнал и полицаецот Стефани Тејлор со изваден пиштол.
Во тој момент, без предупредување, Ремингтон му пришол на Ричардс одзади и од кратко растојание испукал девет куршуми кон жртвата. Ричардс бил застрелан во грбот, а на лице место била констатирана смрт, додава полицијата.
Во вторникот, началникот на полицијата во Тусон, Крис Магнус, им изјави на новинарите дека полициската администрација започнала постапка за отпуштање на Ремингтон, додавајќи дека обвинителството го истражува инцидентот.
Да бидам јасен, јас сум длабоко загрижен за постапките на полицаецот Ремингтон. Неговата употреба на смртоносна сила во овој случај е очигледно кршење на законот и директно противречи на неколку аспекти од нашата обука за употреба на оружје – изјави Магнус.