Велосипедистите „освоија“ простор на сметка на автомобилите

Од групата посочуваат дека е потребна стандардна широчина на патеките и на лентите, а заштитните столпчиња во должина на велосипедската лента треба да се поставени со соодветна густина за да се спречи паркирање автомобили и застанување „на 5 минути”.

Постепено велосипедистите ги добиваат своите сообраќајни површини, овој пат за сметка на автомобилскиот коловоз. Ова е ставот на велосипедистите од фејсбук-групата „На точак“ по објавата на Град Скопје дека заврши реконструкцијата на коловозот на улица „Никола Карев“ кај Железничка станица и дека на неа од четирите постојни сообраќајни ленти сега се направени три со што е обезбеден простор за граѓаните кои за движење низ градот користат превоз на две тркала.

– Бидејќи просторот е ограничен, односно веќе зададен, реконструкциите подразбираат алоцирање на површините на различните типови сообраќај.

Повеќедецениската системски билдана автоцентричност, несвесно, штетно влијае на интеракцијата помеѓу различните типови сообраќај, ставајќи го секогаш на престолот автомобилот. Токму затоа овие победи на освојување сообраќаен простор од автомобилите, се особено радосни вести и оптимистички пораки за долгорочната сообраќајна стратегија на Градот – велат од „На точак“, со надеж дека не станува збор за  ситни спорадични интервенции туку за стратегија.

Како што информираат од групата, нивни членови биле на увид на новите ленти за да ја проверат функционалноста, безбедноста, вмреженоста, сигнализацијата, интеракцијата со останатите сообраќајни типови и слично, при што забележале дека сѐ уште се работи на инфраструктурата, па поради тоа потсетуваат на некои практични аспекти кои, според нив, ќе ја унапредат корисноста на велосипедското решение.

Велосипедистите укажуваат да се внимава на изведба на стандардно слеани рабници на велосипедските премини, на решавање на интеракцијата со пешаците, на свртувањата на велосипедските премини за да не предизвикаат застој на движењето на останатите велосипедисти, поврзување со постојната вело-инфраструктура, вертикална и хоризонтална сигнализација. Тие посочуваат дека е потребна стандардна широчина на патеките и лентите, а заштитните столпчиња во должина на велосипедската лента треба да се поставени со соодветна густина за да се спречи паркирање автомобили и застанување „на 5 минути”.

– Единствено овој тип комплетна изведба на велосипедското сообраќајно решение, вистински ќе го обликува сообраќајното однесување на велосипедистите, како и на интеракцијата со останатите. Правилната инфраструктура ја моделира сообраќајната култура – тврдат од групата.

На градските власти им останува да решат дали ќе ги прифатат и применат  укажувањата и забелешките на велосипедистите на терен.

Реконструкцијата на улицата „Никола Карев“ се изведе на потегот од крстосницата со булевар „Кузман Јосифовски Питу до крстосницата со булевар „Трета Македонска Бригада“ и опфати целосна обнова на асфалтот во должина од 510 метри, направена е нивелација на сливниците и атмосферските шахти, како и замена на оштетените рабници и издвојување лента за велосипедистите на коловозот. Во тек е целосната репарација на тротоарите.

Објавата на Град Скопје за изведбата на простор за велосипедистите предизвика многу позитивни реакции на социјалните мрежи, но имаше и такви кои не се согласуваат со намалувањето на коловозните ленти наменети за автомобилите и кои сметаат дека тоа ќе предизвика проблеми во непреченото одвивање на сообраќајот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот