Велосипедистите бараат поголемиот број улици да бидат Зона 30

Велосипедисти / Фото: Слободен печат

Вљубениците во велосипедизмот предлагаат целата територија на градот Скопје, освен булеварите со повеќе сообраќајни ленти за возила и издвоени пешачки и велосипедски патеки, локалните совети да ја прогласат за Зона 30, додека пак 20 километри на час да биде ограничување за оние улици кои немаат ниту велосипедскa ниту пешачка патека.

Со години со институциите, јавноста, па и политичките партии ја комуницираме идејата за Зона 30 во Скопје. Но посериозен интерес не пројавил никој на политичка или административна позиција, децидни се од граѓанската иницијатива „На точак“, кои меѓу другото велат и дека, за жал, во главниот град има исклучително мал број улици кои се прогласени за Зона 30.

-Во Скопје за Зона 30 прогласени се (најчесто само со знак) мал број улици, а често нивното прогласување е после некој сообраќаен удар и жртва. Се постапува спорадично и инцидентно. Големата слика за безбедноста како принцип кој треба да се применува на секоја улица и во секој проект без исклучок, за да се спречат идни жртви, изостанува. Но патот кон безбеден град за живеење не треба да биде бескрајно долг. Улиците од секундарната мрежа не треба да се прогласуваат за Зона 30 една по една, туку тоа да биде општото правило – велат од иницијативата „На точак“.

Оттаму информираат дека за 30 километри на час како нова нормална брзина во градовите, а 50 километри на час како исклучок за брзите сообраќајници, Светската здравствена организација приготви Стокхолмска декларација, која беше усвоена од Обединетите нации и одобрена од Европската комисија.

Многу градови и држави донесуваат свои одлуки базирани на тие документи.

-На пример, очекувањата за Париз со прогласувањето за Зона 30 на најголем дел од неговата територија се: 9 пати помал ризик за смрт на пешак при удар од возило со 30 километри на час наспроти 50 километри на час, потоа, намалување на бучавата за 3 децибели, oдносно за околу 2 пати, според стандардите намалувањето на брзината ќе значи и стеснување на лентите за возила и добивање повеќе простор за пешаци, велосипеди, зеленило, исто така, најранливите (децата, постарите лица, лицата со намалена мобилност) ќе си го најдат своето место во јавниот простор – потенцираат оттаму.

Сообраќајот е осма причина за смртност глобално на сите возрасти и прва причина за смртност на деца и млади од 5 до 29 години. Оттаму, како што сметаат велосипедистите, вложувањето во безбедноста не само што ќе спаси животи, туку и ќе направи заштеди на државите.

-Се надеваме дека избор и политичка одлука на идните Совети на Градот и општините ќе биде да се заштитат ранливите, а не да се заштити брзината и насилното возење – велат од „На точак“.

Вљубениците во велосипедизмот предлагаат целата територија на градот Скопје, освен булеварите со повеќе сообраќајни ленти за возила и издвоени пешачки и велосипедски патеки, локалните совети да ја прогласат за Зона 30, додека пак 20 километри на час да биде ограничување за оние улици кои немаат издвоена ниту велосипедскa, ниту пешачка инфраструктура, па и пешаците и велосипедите се принудени да го споделуваат просторот со автомобилите.

-Досега, и покрај комуницирањето со години на оваа идеја, посериозен интерес не пројавил никој на политичка или административни позиција – тврдат од „На точак“.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот