Велковски: Потребно е да се вклучат и да се координираат повеќе ресори за да се реши проблемот со бездомниците
Во рамките на македонско-австриската соработка, на 17 и 18 октомври 2024 година во Скопје се одржува дводневна работилница со цел размена на искуства за услуги за бездомни лица/лица без сопствен дом.
Препорачано
Воведни обраќања на работилницата имаа заменик министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски и австрискиот аташе за социјални прашања, Харалд Фугер.
На почетокот од своето обраќање, Велковски искажа благодарност до аташето Фугер и до Сојузното Министерство за социјална политика, здравство, нега и заштита на потрошувачи на Република Австрија за повеќегодишната интензивна соработка.
Говорејќи за бездомништвото во државата, заменик-министерот рече дека во досегашната пракса биле применети различни пристапи за решавање на овој комплексен проблем. Воедно, тој нотираше дека останува потребата од поголема вклученост и координација на повеќе ресори во насока на надминување на проблемите со кои се соочува оваа категорија на лица.
„Тука е пред сѐ здравствениот сектор со програми за ментално здравје на оваа категорија, станбениот сектор и достапноста на домови со субвенционирана станарина, како и образовниот сектор со достапни програми и начини за доквалификација и стекнување со неопходниот степен на образование за лицата кои го немаат”, рече Велковски.
Заменик министерот Велковски пред присутните ги наведе мерките за помош и поддршка на бездомните лица во системот за социјална заштита, како и активностите поврзани со развивање и давање социјални услуги од страна на општините за задоволување на потребите на најранливите категории на граѓани, вклучувајќи ги и бездомните лица. Исто така, беа спомнати и активните мерки и политики за вработување, како и социјалното претприемништво.


