Вељаноски: Се сменија тројца министри за правда и двајца премиери, а не е донесен закон за вонредна состојба

Фото: МИА

Експретседателот на Собранието Трајко Вељаноски укажува дека иако во актуелниот парламентарен состав се смениле тројца министри за правда и двајца премиери, не е донесен закон за вонредна состојба.

-Идната година ќе имаме претседателски и парламентарни избори! Нема никаква оправданост економска, политичка во текот на една година да имаме избори во различно време, па следствено на тоа, јасно е дека во исто време ќе се одржат и претседателски и парламентарни избори. Но, за да се исполни тој услов потребно е да има предвремени парламентарни избори, а за да се оствари тоа потребно е да са распушти Собранието 60 дена пред одржување на изборите. Следствено на тоа во времето кога Собранието е распуштено може да се јави потреба да се воведе вонредна состојба како што беше со пандемијата во 2020 година“, пишува поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски. „Но, изгледа не ги научивме лекциите од 2020 година кога Претседателот на РМ воведе вонредна состојба, во услови кога Собранието беше распуштено, а немавме закон за вонредна состојба во кој се прецизирани уставните обврски на институциите и се пополнети правните празнини во непредвидени ситуации. Тогаш сите политички фактори тоа го сметаа за најголем недостаток и си земаа за задача во новиот парламентарен и владин состав тоа прашање под итно да го решат за да има јасна законска процедура за идни случаи – вели Вељаноски во статус на Фејсбук.

Според него, кај нас едно се зборува, а друго се прави и дека иако поминале три и пол години не е донсен закон за вонредна состојба.

-Во овој парламентарен состав се сменија тројца министри за правда и двајца премиери, а се уште немаме донесено Закон за вонредна состојба. Не е добро за државата кога се бега од обврските, кога се работи само на она што во моментот е политички опортуно, а заедничките теми се оставаат или забораваат – потенцира Вељаноски.

Тој потсетува дека по парламентарните избори 2020 година имало одредени обиди за носење на закон за вонредна состојба, дека на 20.02.2021 година се одржала јавна дебата за носење на закон за вонредна состојба под покровителство на шефот на државата на која учествувале министри за правда и уставни експерти.

-И во текот на декември 2021 година Владата официјално изјави дека планира да донесе закон за вонредна состојба, но, за жал, до денес не е регулирана правно оваа материја и не е донесен законот. Резултат на правната празнина и нерегулирана материја за вонредна состојба е што Собранието не ги потврди петте одлуки за воведување на вонредна состојба донесени од претседателот на државата и преку стотина уредби со законска сила донесени од Владата во текот на 2020 година. Предлагам Владата преку Министерство за правда под итно да си ја заврши работата и да предложи, а Собранието да го усвои законот за вонредна состојба до крајот на годинава – вели Вељаноски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот